Македонија е една од земјите со најголема смртност од Ковид во светот. Зошто е така? Прашање кое вчера се обиде да го одговори и првиот човек на Комисијата за заразни заболувања Александар Петличковски.
-Голем дел од високата смртност се должи на запоставеното сопствено здравје од страна на граѓаните, смета тој, додавајќи дека кај нас имало различна здравствена култура отколку во земјите кои имале помала смртност кај инфицираните лица.
Значи, докторот ја реши дилемата – до самите пациентите е. Но, дали е токму така?
Инаку, надлежните од оваа Комисија во текот на овие две години откако трае пандемијата со корона вирусот, па и сега, постојано објаснуваа дека причина за голема смртност се коморбидитети кај инфицираните, односно, постоењето и на други болести – дијабет, срцеви заболувања… Некоја голема анализа, сигурно, би можела некогаш да покаже во какава врска биле овие „претходни заболувања“ со „запоставувањето на сопственото здравје“ за да се види колку е издржан ставот на Петличковски.
Дали можеби барањето на причините за високата смртност не би требало да отиде и во другите зони на здравствената култура односно систем? Па тогаш да се даде одговор зошто, посебно на почетокот на пандемијата, на заболените им се давани големи дози на антибиотици иако тоа не е целисходно? Независни медицински експерти безброј пати укажуваа и предупредуваа дека препишувањето на многу антибиотици од страна на матичните лекари е непотребно и опасно, но тоа дури и сега како тешко да се прифаќа. Би требало и да се каже зошто се дозволи матичните лекари да бидат толку преоптоварени и лекувањето да се сведува „по телефон“, зошто немаше протоколи за лекување на заболените по болниците и кои дури вчера беа испратени по медицинските установи. Одговор треба и за тоа зошто се дозволи да има недоволен медицински персонал по болниците заради што болните не можеа да добиваат соодветна нега, а која беше многу важна за преживувањето. Беа ли болниците соодветно опремени? Беше ли огранизирано остучување – советување на лекарите за новонастаната ситуација? Се донесоа ли вакцини кога сите држави веќе имаа? Функционира ли координацијата на примарното со секундарното здравство? Имаше ли можност за навремени тестови? Можеше ли…
На ред потоа можат да дојдат прашањата зошто македонските граѓани со месеци мораат да чекаат на обичните прегледи кај специјалисти, на операции и слично, зошто нема доволно превентивни контроли…
Сето тоа се фактори кои влијаат на општото здравје на граѓаните и кои го слабеат нивниот имунитет. Дури потоа доаѓа прашање на личната одговорност на секој граѓанин за сопственото здравје кое треба да се чува во услови кога има многу фалинки во системот и плус секој четврт граѓанин е сиромашен, со мала плата или невработен.





