Бектеши најави замрзнување на цените во прехранбената индустрија, ќе се забрани и акциска и промотивна продажба

Следната недела ќе биде предложено замрзнување на цените на производите во прехранбената индустрија, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши. Тој додаде дека Министерството за економија и предложи на Владата да се забрани да се нуди акциска и промотивна продажба од страна на сите синџири на трговци во државата до 30 ноември.

-Ова ќе доведе до линеарно намалување на цените на прехранбените производи за минимум 10 отсто, а можно е и со одлуката што ќе се донесе во вторник на владина седница да се предвиди уште поголемо намалување на цените. Трговците нема да знаат со кој датум ќе бидат замрзнати цените и на тој начин нема да можат претходно да ги поскапат производите. Замрзнатите цени ќе важат откако ќе бидат објавени во Службен весник. Сите анализи покажуваат дека нема основ за зголемување на цените на основните прехранбени производи и од страна на трговците, но и од страна на производителите, имајќи го предвид намалувањето на цените на светските берзи, рече Бектеши по работниот состанок со раководителите на подрачните одделенија на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).

Нагласи дека иако има намалување на инфлацијата согласно согледувањата на Министерството за економија има уште простор за да се намалат цените. Сите завршни сметки на големите синџири на маркети покажуваат дека тие немаат намалување на нивните приходи, туку напротив имаат зголемување за претходната година. Од крајот на 2019 година, како што кажа, берзанските цени се зголемени за 23,3 отсто на светско ниво, а кај нас за 47 отсто.

-Можеби одлуката за забрана за акциска и промотивна продажба изгледа чудна имајќи во предвид дека ќе им скратиме на граѓаните одредено намалување на цените, но не е така, заради тоа што наредната недела ќе следи и одлука за замрзнување на цените во прехранбената индустрија. Одлуката ја носиме бидејќи забележавме дека одредени синџири на супермаркети прават измама со можностите да направат акциска продажба и намалување или, пак, одредени кампањи. За да бидат начисто и потрошувачите и граѓаните оваа можност до 30 ноември нема да ја имаат и така ќе знаат точно колку ќе биде цената на одреден производ, а не да се калкулира дневно или, пак, неделно со тие цени и да се воведат во заблуда потрошувачите и граѓаните, појасни Бектеши.

Претходна вестХероите од „Диво Насеље“ добија мурал во Куманово
Следна вестШаховскиот клуб АЛКАЛОИД ќе учествува на Светскиот сениорски екипен шампионат за ветерани