Белата куќа: Соборениот балон не е од вонземјани туку од Кинези

Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, инсистираше на тоа дека нема докази дека се работи за вонземјани. Сензорите и електронските делови од првиот според американските власти кинески шпионски балон соборен над САД беа пронајдени во Атлантскиот Океан, соопшти американската војска.

„Големи делови од структурата“ исто така беа пронајдени во понеделникот во близина на брегот на Јужна Каролина, велат воените власти, а пренесува Би-Би-Си. Околу 9 до 12 метри од антената на балонот се меѓу пронајдените предмети, според Си-Би-Ес, американскиот партнер на Би-Би-Си.

САД соборија уште три објекти од првиот на 4 февруари. Последниот од нив имаше октоганална форма, а сите три, за разлика од балонот, биле помалечки од него и не личеле на балон.

Колкава е навистина нивната големина? Вториот објект, над Алјаска, официјалните лица го опишаа со големина на „мал автомобил“. Третиот објект, над Јукон, бил „цилиндричен“. И четвртиот, над Мичиген, се вели дека е „октагонален“ со прикачени жици.

А колку тежат незнајните објекти? Генерал-мајорот на канадските вооружени сили, Пол Превост, рече дека сите три од најновите објекти што биле соборени се чини дека се машини „полесни од воздухот“.

ФБИ ги испитува предметите, за кои САД велат дека биле користени за шпионирање чувствителни воени локации. Американските власти рекоа дека балонот на голема височина потекнува од Кина и се користел за надзор, но Кина рече дека тоа е само воздушен брод за следење на временските услови кој залутал.

Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, инсистираше на тоа дека нема докази дека се работи за вонземјани. Ова дојде како одговор на претходните наоди на американската војска дека не би ја исклучиле ниту можноста неидентификуваните објекти да бидат вонземски.

Поточно генералот на американските воздухопловни сили Глен Ван Херк кој го надгледува воздушниот простор на Северна Америка рече дека сè уште не е јасно како предметите се движат низ воздухот или од каде доаѓаат. Тој исто така рече дека не отфрлил никакво објаснување, па дури и можност за вонземски живот, односно тоа да е буквално НЛО.

– Ќе ѝ дозволам на разузнавачката служба и на контраразузнавачката служба да го дознаат тоа, им рече генералот Глен Ван Херк на новинарите.

Наспроти американските тврдења дека Кина врши разузнавачка операција низ целиот свет, кинеското МНР вчера изјави дека Американците лани барем 10 пати летале свои разузнавачки балони над Кина.

Претходна вестИма ли пратеник од СДСМ на кој му пречи владината каша – попара? 
Следна вест„Излезе сејачот да сее“ – прв и единствен роман за Блаже Конески