Бојмацалиев: САЕ Тигар е столб на безбедноста, униформата е нешто најсвето

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, беа во работна посета на Специјалната антитерористичка единица „Тигар” во касарната Илинден, каде што остварија средба со раководството на Одделот за специјални полициски операции и раководството на оваа елитна специјална единица -САЕ Тигар при Бирото за јавна безбедност во рамки на МВР.

На средбата стана збор за писмената реакција упатена од страна на припадниците на оваа организациона единица до министерот и дополнителниот заменик министер, а во врска со ,,непримерната“ снимка објавена на сајтот на Министерството за внатрешни работи при реализација на вежба од страна на Единицата за интервентна полиција (ЕИП), каде се прикажува апсење на лице кое носи маица со амблем на САЕ „Тигар“ од страна на припадник на Единицата за интервентна полиција.

-Целиот свој живот сум го поминал покрај униформа. И денеска, од оваа позиција кога работам со вас, униформата за мене е нешто најсвето, истакна Бојмацалиев на средбата со раководството на САЕ „Тигар”.

Бојмацалиев истакна дека не смее да постои ривалство и понижување помеѓу Единиците во МВР , бидејќи истото имплицира загрозување на безбедноста на граѓаните.

-Ние сме тука да го одбраниме угледот и честа на сите, бидејќи вие сте гордоста на нашата држава, дециден беше Бојмацалиев.

Притоа, упати порака дека тој и директорот Тасевски секогаш се достапни за комуникација со секој еден припадник на Единицата и дека очекуваат максимална професионалност и посветеност како и досега кога станува збор за безбедноста и заштитата на интересите на граѓаните и на државата.

Меѓу другото, Бојмацалиев и Тасевски беа информирани за тековните активности на Единицата, а стана збор и за организацијата на Денот на САЕ Тигар.

Претходна вест„Палчо не киднапира и убива деца и старци“: партијата Десна објави наводно писмо од Палевски
Следна вестНе можеме да спречиме цената на лебот да скокне на 35 денари, вели Трајковски