Министерството за животна средина донело нацрт одлука дел од планината Водно да се прогласи за заштитено подрачје. Оваа одлука сега е достапна на веб страната на министерството, а на почетокот на февруари ќе се направи и јавна расправа во врска со истата каде се очекува да учествуваат пред се еко-активистите и други здруженија.
Одлуката е секако за поздрав бидејќи е обид-најава Водно да се заштити од уништување. Но скопјани се потсетија и на една друга заштитена зона, која безмилосно беше уништена и за тоа никој не одговараше: Матка.
-Супер е одлуката Водно да се заштити, но и Матка беше заштитена па никнаа диви платформи, врз кои некому му цутат бизниси…
-Кај нас заштитено подрачје нема моќ да спречи уништување на природата. И Охрид беше град на УНЕСКО, па дивоградбите си растеа како печурки по дожд!
-Заштитените подрачја во Скопје и Македонија се само за да се пофалиме дека природата ни е богата. Но, никогаш не биле причина да не ја уништуваме: Матка, Охрид, гасоводот на Водно- сето ова е само доказ… пишуваат скопјани на социјалните мрежи.
Покрај очекуваните вакви и слични коментари, има и такви во кои се инсистира да се стави цело Водно под терминот „заштитено подрачје“ за да не се случи да пораснат „елитни“ населби, или да се пробива планината заради гасовод.