Џафери: Не работам своеглаво, заразените пратеници гласаа по протокол

Собранискиот спикер, Талат Џафери, бил приморан да се потпре на дополнетиот протокол со кој се овозможило вчера двајцата пратениците да дојдат во скафандери во парламентот. Ова го објасни самиот тој на денешната прес-конференција, посочувајќи дека немал друг избор во услови кога опозицијата блокира и нема кворум, а има заболени пратеници од мнозинството и не може да работи Собранието.

-Не работам своеглаво, затоа што така му текнало. Пред тоа милион консултации направив со сите институции. Не смеам јас на своја рака да носам пратеници, затоа што јас така сакам, си има процедура, закони, се е ставено на хартија. Опозицијата одбива да работи, уценува и условува, прекинував нон-стоп седници, таа состојба прекипе и што јас да правам, да седам со скрстени раце?! Никој не бил загрозен, не можел никој да се зарази од тие пратеници кои немале контакт со никој, освен со хартијата во кабината. Што мислите вие, до полноќ ми текнува што да работам, а од полноќ да спроведувам, објасни Џафери.

Џафери информираше и дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ била известена и знаела за посебниот протокол под кој заболени пратеници може да дојдат во Собранието и да присуствуваат на седница, како одговор на реакциите во јавноста.

Како што објасни тој, работна група уште во јули 2020 која донела протокол под кои услови ќе функцира Собранието во ковид услови, а подоцна во ноевмри со писмо до Министерството за здравство побарал дополнување на протоколот кој ги уредува условите под кои заболен пратеник може да се појави на Седница.

-На 18 -ти ноември испратив писмо до Министерството за здравство и Комсијата за заразни болести со кое побарав да се доуреди протоколот под кој може во Собранието да дојде заболен пратеник без симптоми. Следниот ден добив одговор и го имав протоколот на хартија. Свикав координација со партиите, но ВМРО-ДПМНЕ беа лути заради амандманите и не дојдоа на таа координација. Но, јас уредно им го испратив протоколот, да не испадне после не знаеле, што е и моја обврска да ги информирам. И тогаш им кажав дајте луѓе да не се доведеме во оваа ситуација, да работиме за доброто на граѓаните. Но, како што и самите знаете, не испадна така, па бев приморан да го направам она што се случи вчера, објасни Џафери.

Сепак, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за вчерашните настани во Собранието.

 

Претходна вестАлбанија ни воведе задолжителен двонеделен карантин
Следна вестУште двајца од случајот „софтверот на Рашковски“ изведени пред судија – добија забрани за движење и работа