Голема акција за расчистување на дивата депонија во Визбегово започна денеска Градот Скопје. Се работи за решавање на еден од најголемите еколошки проблеми во метрополата со оглед дека станува збор за една од најголемите диви депонии на подрачјето на градот. Се планира од оваа депонија која се протега на површина од 10 хектари што е рамно на 10 фудбалски игралишта да бидат расчистени околу 50.000 кубни метри шут и комунален отпад. Со тоа ќе се намалат еколошките проблеми на жителите на околните општини Шуто Оризари, Бутел и Чучер Сандево.
– Овој проблем овде постои повеќе децении и директно влијаеше врз квалитетот на воздухот зашто депонијата често беше предмет или на самозапалување или пак ја палеа несовесни граѓани. Денешната акција е доволен доказ дека извонредната соработка меѓу локалната и централната власт може да резултира со конечно решавање на ваквите проблеми, изјави денеска градоначалникот Петре Шилегов, на почетокот на големата акција за расчистување на депонијата во Визбегово.
Градот Скопје, додаде тој, во текот на оваа година ја решава четвртата невралгична повеќедецениска точка – акции за расчистување беа спроведени и веќе се зазеленети депонијата во Ѓорче Петров, депонијата во Мичурин и депонијата во Кисела Вода кои прераснаа во паркови.
Тој напомена дека веќе дојде до здружување на инспекциските служби на Градот Скопје и на скопските општини и дека повеќе нема да се толерира несовесното постапување од страна на поединци кои на вакви точки фрлаат отпад. Тој упати апел до граѓаните одговорно да се однесуваат кон животната средина и отпадот што го создаваат.