„Додека трае убавината“, нова книга од Јован Стрезовски

Издавачката куќа „Панили“ од Скопје ја објави книгата со кратки раскази „Додека трае убавината“ од Јован Стрезовски. На страниците од своето најново дело, писателот застапува сто и триесет текстови, поделени во седум тематски целини.

Во мотото на книгата се вели дека убавината е во секое нешто, само треба да се има очи за неа таа да се види и доживее. Боцките на дивата ружа израснуваат да го штитат цветот, но и за да го боцнат оној што минува крај цветот без да ја забележи неговата убавина.

– Кратките раскази на Јован Стрезовски можеме да ги прифатиме и како песни во проза, со силни и синтетизирани емоционални пораки. Тие се еластична, флексибилна форма која инкорпорира и други жанрови и естетски облици во своето јадро. Напишани се со богата и повеќеслојна, метафорична и експресивна лексика, истакнуваат од „Панили“.

Автор е на книгите поезија: „Свет во свет“, „Шепоти“, „Велебилје“, „Орфеј на бескрајот“, „Блик“; на книгите поезија за деца „Светулки“, „Шарени песни“, „Шарено огледало“, „Од Северен до Јужен Пол„ и други; на романите „Вода“, „Свето проклето“, „Зарек“, „Злодобро“, „Еретик“, „Животраг“, „Последно прибежиште“, „Јанѕа“, „Завет“ и на романите за деца „Патот до зората“, „Братско стебло“, „Синови“, „Саатот кукавица“. Ги објавил и книгите раскази за деца „Последниот фишек“, „Зелени очила“, како и повеќе книги раскази за возрасни.

Претходна вестУтре ќе биде именуван нов директор на АНБ
Следна вестНешто мора да се работи: Сопругата на премиерот Ковачевски ќе произведува струја