Во Македонија има доволно гориво. Додека во дел од земјите во регионот и Европа веќе се воведуваат извесни ограничувања за точење гориво, во нашата земја засега нема потреба од рестрикции. Од Владата уверуваат дека состојбата внимателно се следи и дека нема простор за паника.
Премиерот Христијан Мицкоски во неколку наврати изјави дека институциите се во постојана комуникација со големите дистрибутери и дека пазарот е редовно снабден. Тој посочи дека државните резерви се обезбедени и доволни за околу 60 дена, што дава дополнителна сигурност.
Министерката за енергетика, Сања Божиновска истакна дека ситуацијата е под контрола и дека засега нема потреба од воведување ограничувања, но додаде дека државата е подготвена да реагира доколку состојбата се влоши.
Во меѓувреме, дел од европските земји веќе преземаат мерки. Во Грција, Бугарија, Словенија и Хрватска има ограничувања на количините што може да се точат на пумпите, додека во Италија и Франција се воведуваат мерки за рационализација на потрошувачката. Во Полска пак, забрането е точење на гориво во возила со странски таблици.
Клучно во наредниот период во Македонија ќе биде навременото реагирање на компаниите и владино одржување на стабилни резерви на горивата.




