Двајца полицајци и петмина цариници „паднаа“ во акцијата во Скопје и Куманово

Вкупно девет лица се осомничени во акцијата за шверцување наркотици за која од утрово се спроведуваат претреси во Куманово и Скопје. Меѓу осомничените се и двајца полицајци и петмина вработените во Царинската управа.

Акцијата ја спроведува МВР, а е под раководство на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Осомничените во акцијата се товарат за кривичното дело криумчарење, а тројца се осомничени и за делото неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција објави и соопштение со детали околу улогата на полицајците и цариниците, според кое, двајцата полициски службеници во текот на ноември 2021 во два наврати биле дел од неовластено пренесување прекурсори и во два наврати требало да пренесат стока од царинската испостава на Меѓународниот аеродром „Скопје“ до зелениот појас во близина на границата со Косово.

Цариниците, пак, иако требало, не направиле детален преглед на стоката во која била шверцуваната стока.

-Осомничените царински службеници спротивно на нивните службени надлежности и покрај тоа што за пристигнатата стока модулот за управување со ризик при системот СОЦДАД определил црвен канал, што подразбира задолжителен детален преглед со кој ќе се спореди фактичката состојба со декларацијата, не постапиле и не извршиле соодветна контрола со која би ги утврдиле неправилностите. Со ваквото постапување како службени лица овозможиле преку царинска линија пренесување на стоки различни од декларираните, велат од Обвинителството.

Во текот на денот осомничените ќе бидат изведени пред Основниот кривичен суд во Скопје од каде што ќе се бара судија на претходна постапка на сите да им определи мерка притвор.

Претходна вестМинатата недела триесет и шест лица по вторпат заболеле од ковид – ИЈЗ тврди бројот на заразени е помал
Следна вестГерманија, Грција и Австрија со нови ковид протоколи за македонските државјани