Минатата недела триесет и шест лица по вторпат заболеле од ковид – ИЈЗ тврди бројот на заразени е помал

Триесет и шест лица во земјава во периодот од 13 до 19 декември по вторпат се заразиле со ковид-19, што е зголемување од 38,5% во однос на претходната недела, вели извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Заклучно со 19 декември, вкупно се регистрирани 1.013 реинфекции (0,5%), од кои две се втори реинфекции.

Од 13 до 19 декември тестирани се вкупно 19.943 материјали, со зголемување од 8,1% во однос на минатата недела. Регистрирани се 1.922 нови позитивни случаи од 32 градови во државата, со намалување од 8,0% во однос на минатата недела. Процентот на позитивност се движи од 6,9% до 12,4%, просечно 9,6%. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (960; 49,9%), со неделна инциденца – 151,4/100.000. Највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци 259,6/100.000.

Во овој период регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (н=439, 22,8%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 (н=67; 3,5%). Се забележува намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи. Во однос на пол, пријавени се 1.015 (52,8%) жени и 907 (47,2%) мажи.

Пријавени се 66 смртни случаи во 22 градови во текот на изминатата недела, односно бројот на починати е непроменет во однос на претходната недела. Најголем дел од нив се од Скопје (19). Во однос на возраста, најголем број (53; 80,3%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (10), 40-49 години (2) и 30-39 години (1).

Во болниците моментално се хоспитализирани 347 лица (18,7% помалку во споредба со претходна недела), а од нив 243 се на кислородна поддршка (1,6% помалку во споредба со претходна недела) и 12 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација (7,7% помалку во споредба со претходна недела).

Според ИЈЗ, заклучно со 19 декември,  вакцинирани се вкупно 853.314 лица со барем една доза на вакцина против ковид-19 во државата и странство, комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 822.300 лица, а со трета доза се вакцинирани 89.546 лица.

Претходна вестМалите партии се радуваат што се на резервна клупа
Следна вестДвајца полицајци и петмина цариници „паднаа“ во акцијата во Скопје и Куманово