Еден школски час тројца наставници ли ќе го држат?

Најавеното гаснење на неколку наставни предмети и нивно фузирање во еден пообемен предмет ја крена на нозе јавноста. Зарем треба предметот историја да го снема, баш во време кога сите се обедуваат да ни го избришат минатото македонско?

Но, има и груги прашања кои ја брануваат јавноста. Ако до сега предметите биологија, хемија, физика и географија ги предаваа по еден наставник, колку наставници ќе го предаваат новиот, единствениот – предмет природни науки? Четворица или само еден?

Истото важи и за предметите Општествени науки во кој треба да се интегрираат предметите историја, граѓанското образование и дел од географија, како и за новото уметничко образование во кое ќе се здружат музичко и ликовно?

Веќе сега требаше да се знае на кој начин се замислува да се изведува наставата, кој ќе ги предава интегрираните содржини од повеќе предмети. За да не се случи досегашниот наставник по биологија да треба да држи час по лекцијата по биологија од учебникот во кој се интегрирани четири предмети, а на следниот час да се појави досегашниот наставник по хемија, па по физика, па по географија… а оној по биологија да не знае што да прави додека пак на ред не дојде лекцијата по биологија.

Бирото за образование вчера соопшти дека ниеден наставник нема да остане без работа. Тие ќе биле ангажирани за реализација на наставата, за креирање на сопствена листа на изборни предмети и за изработување наставни програми од интерес на учениците, Исто така, ќе биле ангажирани и во реализација на општествено-хуманитарната работа со учениците и воннаставните активности и дека, всушност, ќе имале повеќе часови отколку имале до сега.

Сепак, сето ова треба добро да се одмери, за да потоа не се случи дека толку наставници сепак не се потребни. Се знае дека веќе се појави проблемот со нивниот вишок, со малиот фонд на часови. Или можеби навистина во еден клас ќе предаваат во исто време по три наставници?

Претходна вестОд денеска со нови мерки – угостителите затвораат во 18 часот
Следна вестПриведен скопјанец баран за убиство