Од денеска со нови мерки – угостителите затвораат во 18 часот

Угостителските објекти од вечерва ќе престануваат со работа во 18 часот, а забрането е групирање по плоштади за дочек и прослава на Нова година, како и секаков вид собири во периодот на празниците. Хотелите ќе треба да ги затворат своите ресторани по 21 часот.

Забрана за собири на отворено и ограничен број посетители во затворен простор со задолжително носење маски ќе важи и за празнување на верските празници кои следат. Казни ќе се изрекнуваат и за изнајмувањето викендици на групи граѓани за новогодишните празници бидејќи тоа претставувало кривично дело против здравјето и живот на граѓаните. За тоа полицијата ќе врши контроли кои започнуваат веќе од наредната недела и ќе траат во текот на новогодишната ноќ.

Ова се новите мерки кои неодамна ги усвои Владата, а ќе важат до 20 јануари следната година. Министерот за здравство Венко Филипче повторно апелираше и да не се излегува надвор во овој период ако за тоа нема некоја вистинска, голема потреба.

-Да нема големи домашни собири со цел да не се соочиме со огромен број новоинфицирани кои би довеле до повторно пренатрпување на болничките капацитети. Ковид-центрите се уште се под голем притисок и славењето може да почека, но здравјето не и дека не смееме да дозволиме празнувањето да ни се претвори во лош спомен. Оваа година да прославиме во кругот на семејството, да ги обележиме празниците кои ни значат одговорно, грижејќи се за здравјето на нашите најдраги. Догодина посреќни и побројни!, порача Филипче.

Претходна вестОблачно со температура до 10 степени
Следна вестЕден школски час тројца наставници ли ќе го држат?