Со затворањето на угостителските објекти очигледно е дека имаме сериозен, значаен ефект во намалувањето на бројот на новодијагностицирани случаи, изјави денеска Венко Филипче, министер за здравство. Тој беше во посета на Поликлиниката во Шуто Оризари каде рече дека бројката на новозаразени во моментот се намалува, а болниците се полупразни.
-Значајно се намалува „Р“ факторот на преносливост и значајно се намалува бројот на пациенти кои треба да се хоспитализираат. Болниците ширум државата се полупразни. Некои од нив беа и без слободни места, некои со 5 до 10 отсто слободен. Сега повеќе не е така. На Инфективната клиника после сериозно долг временски период има над 30 кревети и на Интерните клиники над 100 кревети слободни, рече министерот.
Тој додаде дека се намалува притисокот и спласнува притисокот кон Центрите за тестирање и кон болниците.
-Можно е да има и некој мини пик и понатаму. И како и секогаш досега веројатно би се должело на непочитување на мерките. Полицијата ќе работи интензивно за време на Новогодишните празници и на тој начин ќе се избегне евентуална нова криза во здравствениот систем. Здравствениот систем е спремен да пресретне и следен бран. Ние нема да го смениме системот на реорганизација на јавно-здравствените институции додека не поминат празниците, некаде до крајот на следниот месец. Така што, верувам дека граѓаните ќе продолжат да се однесуваат на овој начин, рече Филипче.