Мизрахи со час по историја за Заев, а премиерот и зборуваше „европски“…

Жестока полемика се поведе денеска меѓу пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи и премиерот Зоран Заев околу улогата на Бугарија во Втората светска војна во Македонија на седницата посветена на пратеничките прашања. Поставувајќи го пратеничкото прашање Мизрахи покажа фотографии од нејзини роднини кои биле однесени во логори од фашистите и таму биле убиени.

На оваа фотографија е целото мое потесно семејство, кое беше товарено во воз за Треблинка од бугарскиот фашистички окупатор. Преживеа само мојот дедо, чиj наследник сум јас. Дали стоите на ставот дека Бугарија не била фашистички окупатор, оти мојата фамилија не е убиена со пенкало.

Таа ги покажа и фотографии од Страшо Пинџур и Мирче Ацев, кои биле претепани до смрт, а рече дека и струмичанецот Благој Јанков – Мучето е застрелан од фашистите во Струмица, а Заев наредил да се избрише зборот „бугарски“ од неговата спомен плоча.

-Свесни ли сте дека со изјавата за БГНЕС дека Петрич и Струмица зборат на ист јазик дали е бугарски или македонски сте на иста линија со негаторските политики на нашиот источен сосед со кои се негира постоењето на македонскиот јазик и негово сведување на нормата на бугарскиот јазик, па по тоа дали зборувате на македонски или на бугарски јазик и ако говорите на македонски јазик, тогаш дали петричкиот дијалект е дијалект на македонскиот јазик, го праша Мизрахи – премиерот.

Премиерот Зоран Заев ова го нарече како однапред подготвена политичка провокација и дека во тој случај Мизрахи треба да зборува и за Германија, а не само за Бугарија. 

Јас сум патриот исто како и вие. Покажувајќи слики со моите македонските херои, со моите сограѓани кои за време на фашистичкиот окупатор биле убиени, се трудите да ме повредите. Но, преку вашите зборови исполнувате личен интерес. Вие немате злоба, бидејќи зборувате за ваше семејство. Никогаш не сум кажал дека Бугарија била администрација на Македонија. Администацијата или тогашната власт се приклучила на Третиот рајх. Но, не можете цела Бугарија да ја правите фашистичка. Можам да бидам десет пати по квази патриот од вас и да се чукам во гради со избрани зборови, ама мојот народ ќе остане во сивило. Затоа зборувам со европски зборови. Како ќе се поставиме тоа зависи од нас. Бугарија не била администарот, туку била окупатор на Македонија, со одлука на тогашната бугарска власт, односно бугарската администрација. Секако дека фашисти ги убиле нашите сограѓани. Фашист ги убил, но не можете да кажете дека цела нација е фашистичка. Зошто не прашувате каде била Германија кога ова се случувало? Фашист убивал, не нација. Целта на крај е да го исполните вашиот личен интерес, односно политички, одговори Заев.

Познато е, во интервјуто за бугарската агенција Бгнес кон крајот на ноември Заев предизвика бројни реакции со својот став околу улогата на Бугарија за време на Втората светска војна:

-Ние веќе, мислам дека има преку 20-тина табли во државата сменето каде што стои „бугарски фашистички окупатор“. Тоа не е така! Бугарија не е фашизам. Бугарија е нашиот пријател. Имало некогаш, некоја администрација, во тој момент на почетокот. После тоа Бугарија се крева заедно со антифашизмот, се бори за слободата, за демократијата и апсолутно е дел од антифашистичкиот фронт, рече тогаш Заев.

Претходна вестСкопјанка обвинета за поседување оружје
Следна вестЗапленети над 5.000 пиротехнички средства на Бит пазар