По сите реакции и забелешки дека финскиот образовен систем нема интегриран туку посебен предмет Историја дојде и официјална потврда од финските државни институции. Македонско-финското здружение го објави дописот кој завчера го добиле од претставниците на финските образовни власти околу тоа дали е точно дека финскиот модел подразбира предметот Историја да биде интегриран во општествени науки. Дека предложениот нов концепт на основното образование со интегрирани предмети е правен по урнекот на Финска неодамна соопшти министерката за образование Мила Царовска.
Во одговорот на финските образовни власти, во кој што се цитира пи-арот на Финскиот одбор за образование Ани Софи Песола, кои што го пренесува Македонско-финското здружение се потенцира дека Историјата е посебен предмет.
-Во Финска историја е задолжителен предмет за сите ученици во основни и средни училишта. Во основа на новата наставна програма во Финска значењето на историјата и на историските вештини се уште повеќе засилени. Историја е база врз основа на која се гради визија за иднината. Исто така, користењето на историјата како основа за аргументрирањето и образложувањето на различни одлуки во политиката и медиумската комуникација е зголемено. Во Финска историјата и општествените науки се изучуваат како посебни предмети. Значи, македонската министерка не ја зборува вистината, заклучува Ани Софи – Песола во име на советникот по историја Кристина Каихари, пренесува Македонско-финско здружение.
Значи, со ова и официјално е потврдено дека финскиот модел не е основата за реформата која ја промовира министерката за образование Мила Царовска.Тогаш, се поставува прашањето врз основа на кои се модели е направен предложениот концепт кој предизвика голем бран на противење и неприфаќање во стручната и општата јавност?
Можеби затоа и од Институтот за социологија при Филозофскиот факултет денеска потенцираат – се продолжува со една вообичаена практика нетранспарентно „реформирање“ на нашето образование кое веќе повеќе заличува на „невладина организација“ отколку на сериозна институција.
Дали додека не се разјаснат овие работи, Царовска, предложената реформа ќе ја врати на поправен во самото министерство?