Фудбалска лудница на „Олд Трафорд“, 4-4 во меч со неверојатна драма

24

Манчестер Јунајтед и Борнмут одиграа вистински спектакл на „Олд Трафорд“, кој заврши без победник, но со неверојатни осум погодоци – 4-4. Во натпревар полн со пресврти, двата тима неколкупати водеа и се враќаа од негатива, приредувајќи еден од највозбудливите дуели сезонава.

Јунајтед тргна офанзивно и уште во првите десет минути создаде сериозен притисок со шест удари кон голот на гостите. Иницијативата беше крунисана во 13. минута, кога Амад Диало, кој по одлука на тренерот Рубен Аморим настапи на понапредна позиција, го отвори резултатот. До крајот на првото полувреме „црвените ѓаволи“ стекнаа минимална предност од 2-1.

Сепак, второто полувреме донесе целосен пресврт. За само седум минути, Еванилсон и Маркус Таверние го свртеа резултатот во корист на Борнмут и ги замолкнаа трибините на „Олд Трафорд“.

Следеше нова доза драма. Јунајтед за само две минути повторно го врати водството. Најпрво Бруно Фернандеш погоди од слободен удар со прецизен и силен шут, а веднаш потоа Матеус Куња донесе нова предност за домаќините.

Но, упорниот Борнмут не се откажа. Шест минути пред крајот, 19-годишниот Ели Јуниор Кроупи постигна гол за израмнување и ги постави конечните 4-4.

Натпреварот заврши со вкупно 38 удари кон голот, а во судиското продолжение голманот на Јунајтед, Сене Ламенс, со две извонредни одбрани ги запре обидите на Дејвид Брукс и го спаси својот тим од пораз.

Со ова реми, Манчестер Јунајтед ја пропушти шансата за пласман во Топ 5 на табелата, додека Борнмут остана на 13. позиција, продолжувајќи ја серијата од седум натпревари без победа.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна вестИнвестиција од 4,75 милиони долари за модернизација на царинските услуги
Следна вестДенеска пред пратениците разрешувањето на Коцевски