На површина од 15 хектари, во општината Аеродром за две години ќе никнат голф – терени. За овој луксуз, општината ќе вложи 2,5 милиони евра, дел грант за рурален туризам од Европската унија, а дел од домашни компании.
Просторот ќе биде помеѓу Долно и Горно Лисиче, земјиште кое досега било дива депонија.
Со изградбата на голф-терени, од општината велат дека нема да има шанси во иднина да прерасне во градежна парцела за објекти.
Од информацијата за овој голф-комплекс, дознаваме дека во државата постои и голф федерација, која всушност и го барала ова.
Но што мислат граѓаните за тоа?
Општина Аеродром вчера го презентираше проектот „Аеродром прва општина со европско знаменце“, со кој во 2025 година најави дека ќе стане единствена општина со европски стандарди во земјава.
Под видеото за настанот на фејсбук-страницата граѓаните оставија десетици коментари. Имаше и симбол на аплауз како одобрување, но најолем број се ставови кои не одат во прилог на фалбите.
-Општинава се дави во ѓубре, во сељачизам, во сообраќаен хаос и се уништува поради урбана мафија. За која црна Европа зборите…, напиша еден од жителите.
Друг пак, плановите ги нарече „шарени лаги“, за уништување на „златна“ населба.
-Во последните три мандати на градоначалници, општина Аеродром е уништена! Девалвиран е имотот на станарите со пренаселување и маовна градба, притоа неводејќи сметказа проточноста на улиците, екологија, и животна средина, капацитет на школи и градинки, места за релаксација и домор, напиша друг жител.
Без да навлегуваме во оправданоста на најавените проекти, се надеваме дека властите во општината пред да преземат било што, ќе го слушнат гласот на граѓаните за кои се избрани да им служат.