Град Скопје: Антикорупционерите исполнуваат политички агенди, се занимаваат со тривијалности

Место да констатира корупција се занимава со исполнување политички агенди, реагира Градот Скопје на вчерашната најава од Антикорупциска комисија дека ќе иницираат Основното јавно обвинителство кривично да ја гони градоначалничката Данела Арсовска за незаконско именување на директорите на МКЦ и Зоолошка градина.

-Жалиме што Државната комисија за спречување на корупција наместо да се занимава со она што е нивна надлежност и да констатира корупција, тие се занимаваат со тривијалности и исполнување на политички агенди. Секако, за барање на корупција онаму каде што навистина постои сомнеж треба и храброст. Одлика, која за жал не ги краси членовите на Антикорупциската комисија, се вели во соопштението на Град Скопје.

Град Скопје реагира дека за кривичните пријави од ДКСК дознале од медиумите и дека за тоа воопшто не се известени.

-Добро е сепак што ДКСК поднеле кривична пријава за која воопшто Град Скопје не е известен, а дознаваме од медиумите, за еднаш да се расчисти маглата која ја сеат разни политиканти. Секако, членовите на ДКСК ќе мора да ја докажат и сопствената надлежност во постапувањето по овој „предмет“ пред соодветна судска инстанца, соопшти Град Скопје.

Претходна вестСончево и многу топло, попладне нестабилно
Следна вестСекој четврт возел пребрзо, 11 биле без дозвола, седуммина поминале на црвено…