Вчерашната порака на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски дека на оние на кои им е скапа патарината на автопатот од Скопје кон Штип може да одат по регионални патишта, предизвика бран на реакции кај граѓаните. Револт, осуда, незадоволство, возраќање, укажувања дека зборува и невистини и дека е арогантен… се содржани во коментарите на граѓаните по социјалните мрежи.
Пренесуваме само неколку реакции и тоа на повоздржаните скопјани кои ги оставија на Фејсбук-страницата на „Скопско ехо“.
-Која демагогија од лик си човече! Тебе ти креваат рампа на патарина и шоферот што те вози лета ко на формула, напиша во коментарот читателот.
Другите, пак, укажуваат дека цената на патарината од 160 денари само во еден правец е прескапа за просечниот македонски граѓанин.
-Лесно е со незаработените пари да плаќаш!! Тешко е со заработените, порача граѓанинот.
Во рекациите се укажува и на тоа дека граѓаните при регистрација на возилата плаќаат голем износ како надомест за јавни патишта и дека не би требало да се плаќа за авто-патиштата.
-За јавни патишта при регистрација на возило плаќаме по 2.200. Главната улица во Ѓорче 2 кај што поминува автобус „5“ -ка е целата со вдлабнатини и дупки. Не ми е јасно за што плаќаме јавни патишта. За патарините чиста кражба, што друго да се каже, напиша во коментарот Дејан.
На министерот Бочварски му се укажа и дека зборува невистина кога вчера изјави дека во околните и во европските земји цената на патарините е многу повиска.
-Во Германија имаат авто патишта, денар не даваат… Дали сте виделе некаде во Германија патарина… укажаа граѓаните потпишани како Сали и Елвира.
Граѓаните кои наскоро ќе бидат ставени во ситуација да мораат да користат локални патишта бидејќи ќе немаат пари да платат патарина, го кажуваат своето и денеска.
-Изјавата на Бочварски наликува на познатата изјава на француската кралица Марија Антоанета „Ако народот нема леб, нека јадат колачи“, е една од реакциите.
Засега е неизвесно дали министерот Бочварски и Владата ќе го слушнат мислењето на граѓаните или ќе се однесуваат како кралицата…