Христос воскресна – навистина воскресна: Се слави Велигден, победата на животот над смртта

Со богослужби, со кршење на црвени јајца и со меѓусебно поздравување со зборовите „Христос воскресна-навистина воскресна“ христијанските верници ноќеска го поздравија настапувањето на Велигден, еден од двата најголеми празници. Скопјани во голем број синоќа се собраа пред храмовите на МПЦ-ОА. Велигденски служби се одржуваа на отворено поради запазувањето на превентивните мерки против корона вирусот. 

По традиција, најмногу верници се собраа пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје каде со службата началствуваше архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

Воскресението Христово е темелот на нашата вера, на нашето служење на Бога, тоа е содржина на христијанскиот карактер, па дури и на културата на секој народ кој со името Христово се именува. Оттаму, нашиот живот, како православни христијани, треба да се напојува и да се храни од верата во Воскресението. И таквото секојдневно доживување на тој неповторлив настан не треба да биде само негово едноставно спомнување, како празнување заради празнување, туку треба да биде преживување и сведочење, да биде учество во сеспасителната победа на Животот над смртта, да биде наше постојано духовно обновување, порача во Велигденското послание архиепоскопот Стефан.

Празнувањето и годинава беше збогатено со доаѓањето на Светиот благодатен оган од Ерусалем кој на скопскиот аеродром го донесе директорот на Комисијата за односи со верските заедници Даријан Сотировски откако го презел на Меѓународниот аеродром во Атина од грчката државна делегација која го донесе од Ерусалим. Овој оган, познато е, на Велика Сабота се симнува во Христовиот гроб, а потоа се носи ширум светот. Сотировски светиот оган го предаде на архиепоскопот г.г. Стефан во резиденцијалниот манастир Св. Георгиј Победоносец и на свештеници од епархиите кои ќе го однесат низ градовите ширум нашата татковина.

Празнувањето на Велигеденот денеска продолужва со утрински велигденски литургии. Со Велигден или Воскресение Христово верниците го прославуваат воскреснувањето на Исус Христос по неговата смрт со распнување. Тоа се случило на третиот ден по неговата смрт, а со Христовото станување од мртвите беа потврдени сите негови зборови, сите негови ветувања. Подоцна апостол Павле ќе зборува: Ако Христос не воскреснеше, ќе беше залудна вашата вера, ќе беа залудни вашите надежи, зашто ќе верувавте и ќе се надевавте напразно. Овој празник ја симболизира победата на животот над смртта.

Во преданието е наведено дека Господ Исус Христос пострадал откако бил распнат на крст. Неговото тело потоа било положено во еден гроб кој бил затворен со карпа. За воскресението се дознава во мугрите во неделата, кога жените кои дошле да го помазаат телото со миризливи масла. Но тие нашле само празен гроб, а ангелот им ја кажал вистината: „Зошто го барате живиот меѓу мртвите? Он не е овде а воскресна; сетете се како ви рече кога беше уште во Галилеја, говорејќи дека Синот Човечки треба да биде предаден на луѓе грешници и да биде распнат, и на третиот ден да воскресне… Истата вечер Исус им се јавил на своите ученици и потоа во наредниве 40 дена кога се вознесол на небото. Затоа на четириесет дена по Велигден се празнува Вознесение Христово или Спасовден. До овој празник се чувствува свечената велигденска атмосфера, а луѓето се поздравуваат со велигденскиот поздрав: „Христос воскресе“ и си отпоздравуват со: „Воистину воскресе“. Првиот поздрав значи и соопштување на веста за Христово воскресение, а отпоздравот потврда на таа вест.

Претходна вестНападната девојка во стан во Скопје
Следна вестПретежно сончево со температура до дури 31 степен