Македонија со години го чека датумот кога ќе добие датум за почеток на преговори со ЕУ. До сега само добива ветувања дека датумот е многу блиску.
Вчера Македонија одново доби порака за тоа колку е посакувана во европското семејство. Францускиот амбасадор во земјава изјави дека Франција е подготвена да даде зелено светло за отворање на пристапните преговори за нашата земја и дека охрабрува новиот пристап во дијалогот со Бугарија.
– Она што е јасно е што навистина постои нов пристап во преговорите што беше посакувано од двете страни, се води дијалог на највисоко ниво и тој дијалог е интензивен. Во овој момент навистина постои билатерална работа за која што се преговара за конкретни теми. Ние како француско претседавање го охрабруваме ова раздвижување, рече Бомгартнер.
Порака на францускиот амбасадор, нема дилеми, е слична на многуте пораки кои Македонија досега ги добила кога е во прашање надминувањето на бугарското вето за почеток на нашите преговори за членство во ЕУ. Таа, ете, дојде цели две години откако во февруари 2020 година ЕУ почна да воведува нова методологија за преговарање со земјите кандидатки. Преходно, во октомви 2019 година Македонија и Албанија не добија датум за почеток на преговорите заради барањето на Франција да се „преиспита процес на проширување и да се воведе нова методологија“. А сето тоа, на крајот, предзивика и вонредни парламентарни избори во земјава, ново губење време, неможноста да се работи на надминување на проблемите…
Во меѓувреме, како и сега, Македонија од еврофункционерите и од собирите на ЕУ си добиваше пораки за тоа колку е посакувана.
-Вистина е дека иднината на Македонија е во ЕУ и ве сакаме покрај нас, ни кажа претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен при посетата на Скопје.
Лани, во Извештајот за напредокот беше наведено дека „нашата земја и натаму продолжува да ги исполнува условите за почеток на пристапните преговори“, на самитот во Словенија за Западен Балкан се слушнаа изјави за „подготвеност за прием“, но и тој заврши без конкретно ветување за датумот… .


