Компанија со седиште во Канада планира да гради неколку МООН ресорти, а првиот е планиран за Дубаи. Репликата на Месечината, висока 222 метри, ќе ги содржи сите поволности кои се очекуваат од едно луксузно летувалиште.
Проектот вреди 5 милијарди долаи и би вклучувал искуства од типот на лунарна колонија и површината на Месечината, наменети за популаризација на вселенскиот туризам на Земјата. Како што велат основачите на компанијата, Сандри Метјуз и Мајкл Хендерсон, кога ќе биде завршен, ресортот ќе може да прими до 10 милиони посетители годишно.
Бидејќи Moon World Resort ќе биде вистински ресорт, ќе нуди и содржини типични за такво место. Ќе има ноќен клуб, ивент центар за 5.000 гости, спа-велнес центар, џез пијано бар и повеќекатен салон базиран на вонземски летала. Големиот конгресен центар е наменет за привлекување изложувачи на полето на технологијата и вселената.
МООН, исто така, ќе има 144 луксузни единици за купување во склоп на програмата за приватни резиденции. Секоја вила од 185 квадратни метри доаѓа со доживотно членство во МООН и ексклузивни привилегии. Долгорочната цел е изградба на уште четири одморалишта во форма на Месечина во Северна Америка, Европа, северна Африка и во Азија.
Вселенскиот туризам моментално има висока цена, а засега тоа е пречка за многумина кои би сакале да доживеат едно такво искуство. Од Moon World Resort велат дека нивното искуство ќе биде значително поевтино и сугерираат дека за прошетка по нивната „површина на Месечината“ ќе треба да се платат само 500 долари.



