Ќе ја заобиколат ли пратениците министерката Царовска за матурата?

Дебата за полагањето на државната матура ќе се одржи денеска во македонскиот парламент на иницијатива на Клубот за младински прашања и политики. Како што е најавено, на дебатата ќе присуствуваат пратеници, претставници на Сојузот на средношколци, претставник на Министерството за образование, но тоа нема да биде министерката Мила Царовска, со оглед на тоа што е во самоизолација.

Познато е, откако не постигнаа компромис со министерката за образование Мила Царовска Сојузот на средношколците се обрати до пратениците со цел да се прифатат измени во Законот за средно образование. Матураните бараат наместо четири да полагаат два предмети за државна матура.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ до Собранието поднесе предлог-измени на Законот за средно образование кои доколку би се донеле, ќе значи дека во услов на пандемија, односно оваа и евентуално следната година, матурантите да полагаат два предмети. Матурантите тврдат дека имаат поддршка од 70 пратеници. Меѓутоа, не се знае дали ДУИ ќе ги поддржи измените, но партијата се обврза преку своите претставници во Владата да го покрене ова прашање на владина седница. Денеска, практично, треба да се види дали пратениците ќе се спротивстават на ставот кој досега го имаше министерката за образование Мила Царовска – да нема измени во матурата.

Врзано со ова, интересно е да се види каков став денеска ќе застапуваат пратениците од владечаката партија СДСМ. Нејзиниот лидер и премиер Зоран Заев на неодамнешната средба со претставници на Сојузот на средношколците најави дека е поготвен за компромис.

– Премиерот Заев изразил поддршка за средношколците и истакнал дека Владата е отворена низ дијалог да разговара за изнаоѓање заедничко компромисно решение, кое е во полза на матурантите, со цел нивно квалитетно образование и во средното и понатаму во високото образование, соопшти по тогашната средба владината прес-служба.

Претходна вестМицкоски: Наместо да ја забранат корупцијата тие го забрануваат терминот „Македонија“
Следна вестПоследново деноноќие нема нови ковид-пациенти на Инфективната клиника