Епидемијата полека се стишува. Последниот скрининг спроведен во училиштата покажа дека само околу еден процент од децата се позитивни на вирусот. Нели е време да се ублажат некои од мерките?
Независните медицински експерти одново укажуваат дека треба да престане обврската за учениците да носат заштитни маски во текот на наставата во училиштата. Меѓутоа, Комисијата за заразни заболувања и натаму останува глува на ваквите укажувања и ја продолжува обврската на која се спротивставуваат и голем дел од родителите – кои ујкажуваат дека децата имаат проблем со целодневно носење на маски.
Епидемиологот доктор Драган Даниловски вчера изјави дека веќе е бесмислено носењето на заштитни маски против корона вирусот во училиштата.
-Влезени сме во зелена фаза. Дефинитивно е потребно сосема да се укинат сертификатите за вакцинација. Тоа требаше и порано бидејќи се бесмислени. Треба да останат препораките за носење маски во затворени јавни простории за луѓе со хронични заболувања, луѓе кои се постари од 65 години и луѓе на кои им изминале повеќе од 3-4 месеци од третата доза, за повозрасни и од втората доза за помладите лица. Препорачувам укинување на маските во училиштата затоа што во оваа фаза тоа е бесмислено, смета д-р Даниловски.
Комисијата за заразни болести неодамна не реши да се укине обврската за учениците туку да се почека уште. Образожението беше дека токму благодарение на носењето на маските во училиштата не се случило значајно ширење на корона вирусот.
Веќе од поодамна повеќе од илјада родители потпишаа петиција со која се укажуваше на лошите последици од носењето на маските од страна на учениците.
-Континуираното носење маски е исклучително тешко по здравјето на нашите деца, бидејќи се отежнува дишењето. Не може безгрижно да се прославуваат нови години, журки и забави, а децата да се гушат со маски за време на училишните часови, реагираа родителите.
Слично укажуваа и медицинските експерти, кои предупредуваа на здравствени, но и психолошки последици кај децата од целодневно седење со маски на лицето.
Инфектологот Вело Марковски пред извесно време укажа дека децата не треба да носат маски.
-Маски децата да не носат. Зошто, затоа што маските не се потребни за заштита од САРС КоВ 2 вирусот (децата немаат или имаат мал број на рецептори), а маските можат да ги зголемат шансите од горнореспираторни инфекции од бактериите кои децата ги носат како своја нормална флора. Не е безначајно да се подсетиме дека до 40% од децата (од регион до регион, од студија до студија…) во горнорпсираторните патишта носат стафилококус ауреус, предупредуваше Марковски.
Пред почетокот на второто полугодие и микробилогот Никола Пановски рече дека учениците во училиштата треба да се вратат без маски.
-Зимскиот распуст на учениците треба да се продолжи за две недели, а потоа децата да тргнат на училиште без маски, дециден беше Пановски.
Но, и покрај ова Комисијата се уште ги обврзува учениците да носат маски. До кога?


