Конечно, Обвинителството постапува по кривичните пријави за издавањето на личните документи

Хаосот, како и масовното кршење на човековите права околу пасошите во Македонија трае веќе подолго време. Јавноста бара одговорност, а многумина и поднесуваат пријави до надлежните институции.

Конечно, од Јавното обвинителство информираат дека има формирано предмет во кој се споени три кривични пријави во врска со издавањето на личните документи.

-По него се постапува професионално, и доколку има или нема кривично дело, ЈО ќе донесе соодветна одлука, изјави јавниот обвинител на Република Македонија, Љупчо Коцевски.

Тој вели дека едната пријава е поднесена малку порано од граѓанин, а другите две се од пред некој ден, од политички партии, односно нивни претставници.

– За нив се води единствена постапка. Во оваа фаза од постапката ниту јас, ниту друг обвинител, не би можеле да дадеме многу податоци. Се постапува професионално, се проверуваат сите докази и доколку има или нема кривично дело, верувајте дека ЈО ќе донесе соодветна јавнообвинителска одлука врз основа на доказите со кои располага, вели тој..

Инаку, видни правници во Македонија уште пред неколку дена рекоа дека обвинителството е на потег. Пензионираниот професор по административно право Трајче Давитковски истакна дека оној што нарачувал обрасци за лични документи во 2019 година со старото уставно име, веднаш треба да биде повикан во обвинителството да даде отчет.

За потсетување: Голем дел од македонските граѓани (околу 650.000 лица) се уште не можат да патуваат надвор од Македонија. Го немаат пасошот во кој стои омилениот збор на власта – „Северна“. Значи, една третина од населението е ставена во државен притвор иако ништо не згрешила.

Претходна вестГ.г. Стефан со молебен на гробот на Свети Кирил во Рим, ќе се сретне и со папата
Следна вестУкраинскиот разузнавач Буданов: Можеби ќе ве разочарам, но Навални почина од природна смрт