Пеачката Цветанка Ласкова не добила 300.000 денари на конкурсот на Министерството за култура поради партиската припадност. Со ваков став денеска излезе министерката за култура Бисера Костадинова – Стојчевска на брифингот посветен на реакциите во јавноста по објавувањето на проекти кои ќе бидат финансирани од нејзиниот ресор. Таа беше запрашана дали пејачката Цветанка Ласкова добила 300.000 денари за нејзиниот концерт, само поради тоа што ѝ е сопартиец во СДСМ.
-Партиска припадност никогаш не било и нема да биде критериум на овој конкурс за финансирање проекти од јавен и национален интерес. Не би сакала да ја коментирам реакцијата на Ласкова, но никогаш повеќе ова Министерство нема да одлучува по партиски критериуми онака како што беше случај до пред неколку години како што сите паметиме дека ова се случуваше, изјави министерката.
Претходно, Цветанка Ласкова, по реакциите во јавноста, побара организаторот на нејзиниот музички концерт за кој се доделени средствата, да ги врател парите за концертот.
-Чувствувам обврска кон јавноста да објаснам дека јас, Цветанка Ласкова, не конкурирав за одбележување на 50 години од мојата музичка кариера. Тоа беше идеја на продукциското студио ,,Сити саунд” ДООЕЛ- Скопје, кое ми се обрати со предлог за концерт, преку моето творештво како интерпретатор, да се опфати 5 деценискиот развој на македонската фолк и поп музика. Овој проект го прифатив со чест и задоволство, но и покрај одличната идеја, заради својот мир, инсистирам организаторот на проектот, да ги врати одобрените средства во Министерството за култура, напиша таа на Фејсбук
Реакции во јавноста имаше и од страна да други ученици на конкурсот чии проекти беа одбиени.
Министерката за култура посочи дека секој квалитетен проект треба да се поддржи, да не се гледа на индивидуалност и партиска припадност.
-Ги повикувам сите кои сметаат дека на било кој начин биле обесправени, откако ќе ги добијат своите решенија и имаат забелешки по однос на одобрени проекти и сума, да поднесат жалба. Комисијата сето тоа добро ќе го разгледа и ќе одлучи по однос на нивните жалби. Никогаш нема да имаме доволно пари во културата, доколку и целиот буџет го искористиме, повторно ќе биде малку, но оваа година го имавме овој буџет и сметам дека комисијата постапи најсоодветно. Вкупниот буџет за поддршка на културата е 20 отсто од целиот буџет, оваа година тој е намален, додаде министерката.
Таа додаде дека писатели, како Петар Андоновски, Гордана Михаилова Бошнакоска и Блаже Миневски, до сега добивале и ќе добиваат поддршка од Министерството на конкурсите за литература и издавачката дејност.
-Комисијата оваа година одлучила дека ќе поддржи еден проект, а нема да поддржи друг и не станува збор за лична одмазда. Министерството одлучило оти делото на Петар Андоновски „Страв од варвари“ треба да биде преведено и на албански јазик и да се зголеми достапноста до поширок број на читатели, рече таа.
Министерката потенцираше дека писателот Андоновски долги години е поддржуван од Министерството за култура, но Комисијата одлучила така како што одлучила.
– Оваа година Комисијата одлучила дека ќе поддржи еден проект, а нема да поддржи друг проект. Оваа година имавме околу 1.200 проекти, а од она што сакав јас да видам што се е поддржано во програмата, станува збор за повеќејазични проекти, проекти од странски автори во превод на македонски јазик или на некој од јазиците од другите етнички заедници во земјава, како и разни други преводи или препеви, рече Костадиновска Стојчевска.
Во однос на реакцијата на фолкористот Марко Китевски за недобивање поддршка за издание на одбрани патриотски песни, министерката рече дека оваа година имаме многу голем јубилеј -120 години Илинден и тој е поддржан и со изданија и со многу други проекти.
– Доколку овој ракопис Комисијата одлучила да не го поддржи, не значи дека 120 години Илинден ние ќе го пропуштиме. Напротив, ќе го одбележиме како што доликува, додаде министерката.





