Лек од прегазување: Два часа само возила на улица, па два часа само пешаци

Какво време дојде – скоро да нема ден кога некој пешак нема да не биде прегазен на улиците низ Македонија. Вознемирува и фактот дека таа ужасна состојба почна да се прифаќа како да е неизбежен составен дел од живеењето. Граѓаните се плашат и негодуваат на социјалните мрежи, здивените возачи си тераат по свое, надлежните институции – „вршат увид на лице место“…

Еве што се има случено само минатите 2-3 денова: Удар и прегазување од патничкото возило биле фатални за жител на Струга во сообраќајна несреќа. Полицијата соопшти дека сообраќајката се случила на регионален пат во Враништа, возач на 18-годишната возраст кој управувал „Фолксваген пасат“ прегазил 54-годишен маж од Струга.

Автомобил „Ауди а6“ со скопски регистарски ознаки, управуван од М.Ј.(58) од с.Сарај, удрил во пешакот С.Р.(65) од с.Грчец, општина Сарај. На местото на несреќата починал С.Р., а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош, информираа од МВР.

На крстосница од булевар „Крушевска Република” со булевар „Кочо Рацин“, камион „Форд” управуван од З.Е.(55) од Скопје, удрил во Е.М. (34) од Скопје. Во несреќата со тешки повреди се здобил Е.М., констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза” Скопје.

Патничко моторно возило „Опел зафира“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.Ф.(52) од село Радуша удрило во малолетник од село Кондово. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетникот.

Уште примери има за наведување. Да потсетуваме ли и на не така одамнешните трагедии кои се случуваа на пешачки премини во Скопје?

Зошто тешко и оди на полицијата да воведе ред на улиците? Да, има контроли, но треба ли да се интензивираат? Дали можеби казните се премлаки и дали судовите треба да си го преиспитаат својот пристап во решавање на овој голем проблем во Македонија?

Време е за сеопфатна анализа и брза реакција. Го можат ли Ако тоа надлежните?

Зарем за нас спас би било само апсурдно правило: два часа во денот на улица да се движат само возила, па потоа два часа само пешаци и така да ротираат со години?

 

 

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Спасовски да одговори за инцидентот во Чаир и вмешаноста на луѓе блиски до ДУИ
Следна вест153 сообраќајни прекршоци во Скопје