Темен режим Режим на светлина

Левица: Владата подготвува ново велепредавство зад затворени врати

 Се потврдуваат сомнежите дека Владата подготвува ново велепредавство во преговрите со Бугарија, обвини денеска партијата Левица. Во партиското соопштение оваа опозициска партија потенцира дека тоа се прави зад затворени врати.

-Преговорите со Бугарија веќе подолго време се водат зад грбот на јавноста. За работата на историската комисија, за тоа што се преговара, што е договорено и какви отстапки прави македонската страна, информации нема ниту за јавноста, ниту за пратениците. Ваквата констелација на нештата, само ги потврдува сомнежите дека Владата предводена од ДУИ и СДСМ подготвуваат ново велепредавство на македонскиот народ и држава. Овој пат зад затворени врати, вели Левица.

Во соопштението се наведува дека ова го потврди и Министерот Бујар Османи, кој јавно изјави дека има изготвено документ кој Македонија е спремна да го прифати, но дека се чека одговор од бугарската страна.

-Ако се земе во предвид и за тоа дека веќе неколку членови од Историската комисија поднесоа оставки, веројатно Владата го спрема последниот чин од нејзиниот процес на демакедонизација. Недостапноста на овој документ, прифатлив за Владата на ДУИ и СДСМ, покрај тоа што најавува ново велепредавство, укажува и на спремноста од нивна страна истиот да го протуркаат што е можно потивко и што е можно поскоро, за да се избегне негодувањето и притисокот од јавноста, нагласуваат од Левица.

Во партискиот став се додава дека уште позагрижувачки е фактот што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави спремност да разговараат во насока на нова промена на македонскиот Устав.

-Очигледно е, политиката која ја води владејачката елита и барањата кои ги има народот целосно се спротивставени. Левица речиси цела година повикува на прекин на преговорите под покровителство на Вашингтон и Брисел кои ги води нелегитимната Влада. Ново национално велепредавство, не смее, не може и нема да помине, се вели во соопштението.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Бугарското МНР: Ги информиравме во Скопје дека нивните предлози се неприфатливи

Следна објава

„Фамилија Аеродром“ слави 25 години постоење, се очекува и успехот на кошаркарите на МЗТ Скопје