Нов протест на кој беше искажан револт за ниската затворска казна за возачот кој во јануари годинава ја прегази 24-годишната Викторија Николова од Радовиш одржаа денеска пред Основен кривичен суд нејзините роднини, пријатели и граѓани. Со транспаренти на коишто беше испишано „Стоп за сообраќајно насилство“, „Правда за Викторија“, „Возачи убијци – судии без совест“, „Палата на неправда“… тие реагираа против тригодишната затворска казна изречена на возачот Јордан Ѓорѓиев. Присутните побараа и Апелацискиот суд во Скопје да ја зголеми казната за осудениот.
Сестрата на Викторија, Лилјана Николова од пред Кривичниот суд изјави дека денеска бараат „повторно и повторно правда“, за неправедната пресуда и за целата неправда која се уште им се нанесува.
-Овој протест е уште еден кренат глас до ова судство, до оваа неправдина која не боли до коска и оваа пресуда од судијката Љубинка Бошевска. Бараме правдина за нашата сестра, ќерка, девојка, другарка, бараме нова пресуда со реални очекувања, зошто нема да запреме овде. Доста беше оваа тортура и ова лудило, рече Николова.
Адвокатот на семејството на Викторија, Владимир Михајловиќ рече дека изречената пресуда од три години е апсолутна неправда и дека Апелација треба да го слушне гласот на народот, но и да ги види доказите во постапката.
-Обвинителството го има овој предмет одработено максимално добро во рамките на законот и не е само неправдата кон Викторија. Ова е неправда апсолутно кон сите, непочитување кон институцијата обвинителство, непочитување кон она што го нарекуваме цело време правда, владеење на правда, рече Михајловиќ додавајќи дека се неприфатливи „олеснителните околности“ кои ги навела судијката Бошевска.
Обвинителството вчера ја обжали пресудата на Кривичниот суд. Семејството заедно со граѓани и активисти веќе одржаа протест кај „Сити мол“, десет денови откако Викторија го загуби животот.




