„Левица“ бара референдум во општина Центар за висококатниците

Барање за локален референдум на кој жителите на општина Центар ќе имаат можност директно да се изјаснат околу градењето на високите згради кај хотелот „Холидеј ин“ ќе поднесат советниците на „Левица“ во Советот на оваа скопска општина.

-Со практицирање на непосредна демократија, Центарци ќе можат непосредно да се изјаснат дали се или не се за градба, дури и по цена да си го откупат со самопридонес насилно украденото, за да спречат тотална дехуманизација на овој простор, се потенцира во партиското соопштение.

Левица ги повикува градоначалникот на Центар Горан Герасимовски под итно да го стопира градењето, Основното Јавно Обвинителство да покрене истрага, додека пак општина Центар и Министерството за транспорт и врски да направат ревизија и да им го овозможат правото на Центарци да се изјаснат во однос на ова прашање на референдум.

-Сите знаеја дека веќе девет години на сила има ГУП на Скопје, донесен во времето на администрација на ВМРО-ДПМНЕ, кој на оваа позиција предвидува станбено-деловен простор. И никој од тогаш до сега не го адресира овој проблем, не поведува истрага зошто намената според ГУП е сменета токму на оваа позиција која беше ем државно земјиште, ем предвидено за државна администрација, во сериозно помал габарит. Според таквиот корумпиран ГУП, се направи уште покорумпиран Детален урбнистички план, на тендер за едно евро од хектар, па се постави прашањето за кого работат планерите? Дали за општиот интерес, или за приватни инвеститори? И таквиот ДУП помина неревидиран и без истрага од кај произлегува и зошто. Две администрации на СДС (или една на ЛДП, зависи како милувате) се сменија, но проблемот остана, очигледно проширен и надграден. Дали од неспособност или незаинтересираност, но евидентно е дека „џабе ги гласавте“, предупреди „Левица“.

Претходна вестПрегазена жена во Скопје, возачот избегал
Следна вестБез вода од утре наутро жителите на „Максим Горки“, „Мито Хаџивасилев Јасмин“ и „Лермонтова“