Македонските историчари од Комисијата: Дезинформации се дека дискутираме за теолошки и црковни прашања преку Охридската архиепископија

Јавноста некоректно се информира за темите кои се предмет на дискусија во работата на Комисијата, реагираат денеска членовите на македонскиот тим во Заедничката мултидисциплинарна и експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија.

– И покрај јасно искажаните погледи и ставови на ко-претседателот од македонска страна дадени пред новинарите на 25 ноември по завршувањето на 22. средба, во одредени медиуми во изминатите три дена се пласираат информации и се емитуваат прилози со кои се шират невистини дека Комисијата го решава црковното прашање на МПЦ-ОА, дека дискутира за теолошки и црковни прашања, догми и канони, или, пак, одредува чија е ОА. Притоа, во правењето на овие прилози воопшто не е побарано мислење од членовите на Комисијата, а членови на Синодот на МПЦ-ОА, експертската јавност, политички партии и претставници на државни институции, се доведени во ситуација да даваат свое мислење и да легитимираат измислена и непостоечка тема само врз основа на неточни информации и паушални заклучоци, се наведува во реакцијата.

Се посочува дека предмет на работата на Комисијата се прашањата за претставувањето на историјата на Охридската архиепископија во учебниците по историја за основно образование во двете држави, нејзината улога и значење за христијанството и словенската писменост и книжевност, а не црковно-теолошки прашања или утврдување на статусот на МПЦ-ОА или, пак, нејзино дефинирање во национална смисла.

– Затоа, повикуваме на одговорност во информирањето на јавноста за работата на Комисијата не само од страна на медиумите, туку и од сите општествено-политички актери во македонското општество, стои во реакцијата од македонскиот тим.

Претходна вестМалолетничка тешко повредена од струен удар откако се качила на вагон
Следна вестПочнува божикниот пост во спомен на Исус Христос кој 40 дена поминал во пустина во пост и молитва.