Раководството на Ракометната федерација на Македонија, денес оствари средба со сениорките и со стручниот штаб на женскиот сениорски национален тим.
За прв пат по 12 години, женската ракометна репрезентација на Македонија успеа да се пласира на Европско првенство преку квалификации.
Па по враќањето од Баку, раководствотo на Ракометната федерација на Македонија оствари средба со сениорките и со стручниот штаб на „црвено-жолтите“.
Првиот човек на РФМ, Живко Мукаетов им се заблагодари на ракометарките и на стручниот штаб за севкупното залагање и придонес за пласманот, напоменувајќи дека во овој квалификациски циклус се отиде чекор напред, покажаа дека вредат и местото им е учество на завршниот континентален турнир.
За пласманот на континенталниот собир, кој ќе се одржи во Австрија, Унгарија и Швајцарија во периодот 28 ноември до 15 декември 2024 година, женската национална селекција ќе добие награда во износ од два милиони денари.
Последниот натпревар од квалификацискиот циклус со селекцијата на Литванија, ќе се одигра на 7 април (недела) од 18:00 часот во СЦ „Борис Трајковски”, а влезот во салата е слободен.