Меч за паметење во Аеродром: Триумф за Партизан, комплимети за МЗТ Скопје

Во прекрасна атмосфера во спортската сала во скопски Аердором и пред повеќе од 4.000 кошаркарски вљубеници, кошаркарите на Партизан синоќа го победија МЗТ Скопје со 92 – 74. Белградски црно-бели уште во првата четвртина ги решија дилемите околу победникот, пред се со агресивна игра во одбраната, која им донесе огромни плус 16 (25-9). Аеродромци не можеа да погодат речиси ништо во овој дел од мечот, имаа 1/10 во ударите за три поени, што силниот противник максимално го казни. Но, подоцна во останати три четвртини од мечот односот на силите беше релативно изедначен, Сепак, скопските „штркови“ на крајот го платија данокот на лошиот старт во првата четвртина.

Страхиња Миќовиќ со 18 поени беше прво име кај МЗТ, каде што двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Мајк Кефи со 17 поени и шест асистенции, Еван Максвел со 13 и Војдан Стојановски со 11 поени. Данте Ексум и Џејмс Нунали со по 17 поени беа најпрецизни кај Партизан.

Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Александар Петровиќ синоќа изјави дека нема многу што да им замери на своите кошаркари. Тој рече дека тимот игра добра кошарка и верува дека ќе обезбеди опстанок.

-Мислам дека во грч го почнавме натпреварот, во првата четвртина повторно ги имавме тие фамозни девет поени. Не беше толку слабо, имавме шест отворени шутеви за тројка, да погодевме половина од нив резултатот немаше да биде толку убедлив. Но, тогаш Партизан ја направи разликата. Јас не сум задоволен кога мојот тим губи, но не можам да бидам незадоволен од тоа како моите играчи се залагаат на терен. Партизан е евролигашка екипа, ние имаме тежок распоред и во првите две кола играме со ривали од Евролигата. Верувам дека ќе биде уште подобро, затоа што играме добра кошарка. Ако продолжиме вака, мислам дека МЗТ Скопје има сили и квалитет да обезбеди опстанок и следната година да се натпреварува во елитата на АБА, нагласи Петровиќ.

Тренерот на Партизан Александар Обрадовиќ беше задоволен до остварениот резултат, а воедно им се заблагодари на навивачите за одличната атмосфера во салата.

-Сакам пред се да се заблагодарам на навивачите на двата тима и домаќинот за одличната кошаркарска атмосфера. Го отворивме дуелот добро, со агресивна игра, создадовме одлучувачка предност во првата четвртина и што знаевме како да ја задржиме. По она што ни се случи пред неколку дена во Берлин, сега се покажавме во далеку подобро светло и се надевам дека ќе бидеме уште подобри во иднина. Ние најсериозно се подготвувавме за МЗТ Скопје, ова е само почеток на сезона и тешко е да се анализира и да се прогнозира. МЗТ и денеска покажа дека е тим што се бори до самиот крај и на тоа им честитам. Во ниту еден момент мечот не изгледаше како завршен, продолжија да играат, тоа е единствениот и вистински пат, порача Обрадовиќ.

МЗТ Скопје во следното коло се соочува со Будуќност.

Фото: Макфакс

Претходна вестЗа сегашната криза ли Владата ги донесе мерките?
Следна вестПосебен режим на сообраќај во среда, четврток и петок во Скопје