Министерството за првада денеска соопшти дека формулацијата во предлог-законот за граѓанска одговорност каде за навреда се одговара и за „негативно мислење“, е погрешна и ќе се интервенира веднаш во амандманската расправа.
-За навреда одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, со изјава, содржина, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази омаловажувачко, понижувачко или негативно мислење, стои во членот 6.
Ова предизвика бурни реакции во јавноста, особено кај правниците, со забелешка дека ако помине владиниот предлог за промени на Законот на граѓанска одговорност граѓаните ќе бидат санкционирани и за негативно мислење, што порано се нарекуваше вербален деликт и беше укинат по крајот на социјализмот.
Од Министерството за правда, посочуваат дека целосно ги поддржува новинарските слободи и права и сите закони ги носи заедно со здруженијата, а во интерес на објективното и слободното информирање.
Предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета го предлага Владата, преку Министерството за правда и деновиве влезе во собраниска процедура.



