Мицкоски: Утре започнуваме со собирање на иницијални сто потписи за одложување на Пописот  

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ од утре започнува со постапката за собирање на први сто потписи на граѓаните за отворање на постапката за одложување на Пописот на населението. Ова денеска го најави партискиот лидер Христијан Мицкоски.

-Имавме седница на Извршниот комитет на која разговаравме за иницијативата за собирање на потписи за одложување на Пописот на населението. Процедурите се јасни, утре ќе ја започнеме постапката за собирање на иницијални сто потписи, а по завршувањето на процедурите во Собранието на Македонија, формалното собирање на потписи од граѓаните за поддршка, ќе почне идниот месец. Многу земји го одложија пописот, последна тоа го стори и Хрватска. Апелирам до властодршците да не ги ризикуваат животите на нашите граѓани, ништо страшно ако за некој месец поради падемијата се одложи пописот. Нашиот апел е ако насила сакаат да спроведат попис, тогаш барем нека го спроведат електронски, со што ќе покажат грижа за здравјето на граѓаните, рече Мицкоски.

Тој рече дека комбинираниот модел на вршење попис не е добро решение бидејќи и во таков случај повторно ќе треба попишувач да тропне на вратите од домовите на граѓаните.

Како коментар на изјавата на премиерот Зоран Заев дека се потребни шест до седум години за да има ефект од борбата против корупција, Мицкоски рече:

-Мислам дека се потребни не повеќе од шест до седум дена. Нека почне Заев со тие околу него, но и од себе си, и мислам дека работата ќе биде многу брзо завршена. Нема потреба од шест до седум години. Вакви арамилаци не запаметила Македонија, потенцира лидерот на опозицијата.

Претходна вест„Фајзер“ очекува 15 милијарди долари од продажбата на вакцини во 2021 година
Следна вестСе продава „Рамстор“, потенцијален купувач е газдата на „Капитол мол“ и хотел „Хилтон“