Може ли да се лечиш во ветени, а неизградени поликлиники?

Министерот за здравство Филипче ни најавува есен со многу здравствени предизвици. Корони, пандемии, грипови, други болести… Значи треба да се подготвиме и соодветно заштитуваме.

Една од најважните алки во тоа се поликлиниките. Ги има ли доволно во Скопје?

Денешниов протест на граѓаните во Бутел само одново ќе потсети на проблемот кој го имаат околу 60.000 граѓани од оваа општина со немањето на поликлиника. Дотраената барака која претставува амбуланта е веќе недостојно да се нарече здравствена установа, а болните се присилени да патуваат до Клинички центар, Градска болница или до некоја друга поликлиника за да побараат помош.

Но, не се само тие жители на градот кој имаат вакво проблем. Иста мака мачат и граѓаните на Кисела Вода кои мора да одат до Аеродром или до Драчево на лекар специјалист. Слично е и во Гази Баба, постојната амбуланта на улица „Бапчор“ е стара и руинирана па и овие граѓани мораат да патуваат до лекари-специјалисти.

Всушност, проблемот со изградбата на новите поликлиники во градот со децении никако да се реши. Постоечките неколку – Млинбалкан, Букурешт, Бит-пазар, Јане Сандански, Ѓорче Петров… – се недоволни, а нови никако да се изградат. Се даваат само ветувања од кои до сега нема ништо. Такви ветувања граѓаните се изнаслушаа и на локалните избори пред три години, но еве, веќе почнуваат и последните дванаесет месеци од мандатите на градоначалницие но од градбите ни трага. Наместо да почне градењето се даваат уште нови ветувања. Министерот за здравство Венко Филипче вчера рече дека се работи на проект за нова градска болница која ќе биде лоцирана во населбата Аеродром. За изградбата на новиот Клинички центар веќе имаше премногу ветувања но ништо повеќе.

Очигледно, состојбата со потребните здравствени објекти е повеќе од болна во градот. Терапијата со давањето на ветувањата е веќе бескорисна и надлежните треба да сфатат дека на граѓаните им треба вистински лек. 

Претходна вестИзложба и промоција на книгата на македонската алпинистка Илина Арсова вечерва во МКЦ
Следна вестПочина еден пациент од вирусот, новозаразени се 141 лице