Преку пораки и мејлови, анонимни испраќачи се обидуваат да дојдат до податоците на граѓаните, предупредија денес од Министерството за внатрешни работи и Управата за јавни приходи. Аелираат, граѓаните да не ги отвараат пораките и мејловите кои се испраќаат во нивно име, бидејќи се лажни.
– Добиените електронски пораки во име на министерот за внатрешни работи, во соработка со полициската канцеларија на Европол кои се праќаат во вид на повик за појавување во суд се лажни. Примачот на пораката се известува дека е предмет на наводни правни постапки за низа измислени кривични дела. Притоа, во испратените мејлови примачот на пораката се повикува да го контактира испраќачот преку Вибер линк. Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на граѓаните и нивна понатамошна злоупотреба, велат од МВР.
Слична е ситуацијата со лажните пораки од УЈП. Непознат испраќач преку меил на граѓаните им бара да внесат лични податоци.
– Вчера и денес непознат испраќач користејќи го логото на УЈП, преку СМС пораки се обидел да наведе граѓани да споделуваат лични и податоци од дебитни и кредитни картички. Линковите се лажни и не водат кон електронска адреса на Управата за јавни приходи, велат од УЈП.
Затоа се апелира овие пораки да не се отвораат, ниту да се контактира испраќачот преку доставениот линк и да се споделуваат личните податоци кои се бараат. Ваквите обиди за измама се со меѓународен предзнак, имајќи предвид дека електронски пораки со слична содржина во изминатиот период биле испраќани и на граѓани во земјите од регионот.




