Вкупно 25 вонредни настани се регистрирани на македонските пруги од почетокот на годинава, при што загинале пет лица, а 20 се повредени. Последниот се случи пред неколку дена кога на железничкиот патен премин кај кумановско Романовце се судрија локомотива и патничко моторно возило и беше повредено едно лице. Најголемите трегадии се случуваат поради непочитување на поставените знаци за опасност, а поради крадење на нафта, снимање на видеа за на социјалните мрежи, како и следење на мигрантите на „балканската рута„ за која тие најчесто се движат по шините.
Клучни причини за несреќите во кои има и починати и повредени лица, како и материјална штета, според надлежните институции и директно вклучените во работниот процес, се непочитувањето на сигналните знаци на патните премини на пругите од учесниците во патниот сообраќај, движењето по пругите и качувањата на вагоните од трети лица (мигранти и други лица), но и неисправната сигнализација.
Подобрувањето на состојбата на пругите покрај за безбедноста при превозот на патници и стока, се потенцира како особено важно и во услови на најавите за либерализација на транспортот во Железницата за што веќе во собраниска процедура се законски измени.
Деталниот преглед од извештаите на ЈП ЖРСМ Инфраструктура покажува дека лани на пругите биле регистрирани 39 вонредни настани со усмртени девет лица, а осум повредени. Оштетени се четири моторни возила на ЈП ЖРСМ Инфраструктура, а сообраќајот бил во прекин вкупно 374 часа. Во вонредните настани од минатата година што се оквалификувани како сериозни несреќи починале девет лица и е оштетено едно моторно возило, а биле причина за прекин на сообраќајот во траење од 27 часа. Две од сериозните несреќи се случиле на патен премин, а седум во движење на возови.
Во евиденцијата на јавното претпријатие има и 18 несреќи, во кои биле повредени седум лица, две оштетувања на моторни возила, а предизвикале 280 часа прекин на сообраќајот. Единаесет од несреќите се поради излизгување на воз од шините, три се на патен премин, а четири при движење на железничките возила. Како инциденти се оквалификувани 12 вонредни настани, со едно повредено лице, а сообраќајот бил во прекин 66 часа. Бројот на вонредните настани во 2022 година е намален во однос на регистрираните 45 во 2021 година, а кои биле причина за пет починати лица, 14 повредени и шест оштетени моторни возила. Од 45-те вонредни настани во минатата година има 15 лизгања од шини, 14 биле при движење на возовите, а шест на патни премини.
Од ЈП за железничка инфраструктура при ЖРСМ за МИА велат дека клучните причини за ваквите немили случувања се должат на непочитување на сигналните знаци на патните премини од страна на учесниците во патниот сообраќај, движење по пругите и качувања на вагоните од страна на трети лица, како мигранти и други лица.
-Во ниеден случај од наведените вонредни настани нема одговорност ЈП инфраструктура при ЖРСМ, велат од претпријатието.
Оттаму потенцираат дека преземаат повеќе мерки за подобрување на безбедноста на железничкиот сообраќај.
Според Тони Димовски, претседател на Независниот синдикат во МЖ Транспорт и претставник на машинскиот персонал во ова претпријатие, покрај причините што ги наведува МЖИ за вонредните настани на пругите, проблем е и неисправната сигнализација.
-Речиси 80 проценти од Табановце до Гевгелија сигнализацијата не во ред. Цело време работиме со јавување на телефон во телекоманда, не водат со телефон, цело време поминуваме на црвени сигнали во договор со колегите што не следат од телекоманда. Исто така не им се исправни патните премини и треба да ги направат, а пругата е со бавни возења. Ако порано просечната брзина од Табановце до Гевгелија била 100 километри на час, сега е максимум 35 до 40, а некаде имаме бавни возења со 20 километри и со 30 километри. Да си ги направат сигналите и да ги избришат, бидејќи не се гледаат, со прашина се, не се избришани долги години, светат, но од далеку не се забележува дали е зелен, црвен или жолт сигнал, а ние работиме според нив, вели Димовски




