Силно орканско невреме со ветер, дожд и град проследено со грмежи вчера попладне ги зафати Србија, БиХ, Хрватска и Словенија при што нанаесе големи штети и предизвика човечки жртви. Во Србија најпогодена беше Војводина каде ветерот соборуваше дрвја, причинувајќи материјална штета. Одделот за итна помош спаси пет лица, една жена е повредена, а дете загина во Нови Сад.
Детето Ј.В. (12) било пронајдено во бессознание на улица, пред зградата на неговата тетка. Брзата помош се обидела да го спаси со реанимација која траела еден час, но за жал детето починало. Српските медиуми пренесуваат дека детето било пронајдено покрај инсталациите за гас кои искреле и дека се уште не се знае дали го удрила струја или гром. Истрагата е во тек.
Припадниците на Одделението за вонредни состојби на МВР спасија пет лица, од кои две деца. Меѓу нив е вработена во трафика во Нови Сад врз која падна дрво од невремето, а пожарникарите-спасувачи од Нови Сад спасија уште четири лица, меѓу кои и две деца од такси кое беше погодено од дрво.
Во Нови Сад, од невремето „одлета“ дел од покривот на Новосадски саем, а соборен е и кран на градилиштето во Детелинара, при што беа оштетени соседните згради.
Поради невремето без струја се делови од Нови Сад, Бачка Паланка, Темерин, Жабља, Футог, Зрењанин. Невремето ги погоди и Сомбор и Суботица кои исто така имаа прекини на електричната енергија.
И во Белград имаше пороен дожд со грмежи и силен ветер. Аеродромот Никола Тесла беше привремено затворен.
Во Хрватска силното невреме го опустоши истарски Новиград. За само 15 минути невремето собори околу 200 дрвја, уништен е кампот Сирена, оштетувања имало и во кампот Лагуна, оштетени се бројни автомобили и камп приколки, дрвја во градот паднале врз црквата, уништени се паркови.
Едно лице е повредено поради падот на неколку дрвја во автокампот во Новиград, а по пристигнувањето на Итна помош била побарана помош за уште пет лица во кампот, сите со полесни повреди. Добиена е пријава и за исчезнување на едно лице од едрилица кај Новиград, по кое потрагата е во тек.




