Најнова најава на Шилегов за градба: Два кружни тека, подвозници…

Како се доближува датумот за локални избори така се множат најавите и плановите за нови градби во Скопје. Овој пат тоа е сообраќајница за локација кај Момин поток.

Имено, два кружни тека, подвозници и надвозници, а ќе чини околу 18 милиони евра се содржина на новата клучка кај Момин поток што ќе почне да се гради во текот на јуни, најави денеска скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Тој информираше за ново сообраќајно решение кое ќе го олесни движењето на возилата по една од двете главни рути која ги поврзува северниот и јужниот дел од Скопје – клучката кај Момин поток. Ова е една од најферквентните сообраќајници по која дневно поминуваат 25 000 возила.

– Изведбата на овој проект треба да трае 2 до 2,5 години. Според својата комплексност, се работи за убедливо најсложениот сообраќаен проект кој што Град Скопје го има изработено од 1965 година, па наваму. Се предвидува изградба на 2 кружни тека, првиот треба да ја замени крстосницата кај булеварот „8.Септември“ и улицата „Скупи“ и вториот кој треба да ја замени крстосницата на булеварот „Никола Карев“ и патот кон Визбегово, обиколницата и косовската граница. Од вториот кружен тек улицата продолжува до крстосницата со булевар „Словенија“ каде што се поврзува со булеварот „Словенија“ и со булеварот „Босна и Херцеговина“, рече Шилегов, на денешната прес-конференција.

Вкупната должина на сообраќајницата меѓу двата кружни тека и до пред раскрсницата со булевар „Словенија“ е околу 1 600 метри. По должина на целата сообраќајница ќе биде поставено ЛЕД булеварско осветлување, пешачки и велосипедски патеки од двете страни на коловозот. Проектот предвидува и изградба на два моста на реката Серава која тече под оваа сообраќајница.

Претходна вестЗа Велигден и Рамазан без полициски час, но со редари
Следна вестПолицијата скротувала „незгодни пешаци“ по скопските улици