НАТО дојде и пописот пројде, а инвестициите во Македонија никаде ги нема

Заев, а веројатно и неговиот наследник во премиерската фотелја уште ги чекаат инвеститорите од Гугл, Фејсбук…

Инвестиции, вработувања, поголеми плати, инвеститори кои ќе знаат колку сме и какви сме и по струка… сето ова се пораки кои последниве години се слушаат од македонските државни функционери како дел од убедувањата Македонија да стане членка на НАТО менувајќи си го името, да се спроведе попис на населението… И еве одамна сме во НАТО, направивме и попис, каде се инвестиците?

Екс-премиерот Зоран Заев безброј пати потенцираше од какво значање ќе биде членството со Алијансата и на пребројувањето на населението.

-Зачленувањето во НАТО ќе донесе големи директни странски инвестиции… Без попис ниеден инвеститор нема да сака да инвестира во нашава земја.. Ќе дојдат и Фејсбук, Гугл, ќе им понудиме даночна стапка од само три проценти…, уверуваше Заев.

Зарем инвеститорите не слушнале дека сме во НАТО и имаме попис? Инвестициите како да се во слободно паѓање во наша земја: во 2018 година имавме рекордни 625 милиони евра, а во следната 2019-та над 300 милиони, односно, двојно помалку. Во 2020 тие опаднаа на 224 милиони… Односно, секоја година ги помалку и тоа неколкукратно помалку отколку што инвестиции имало во соседните земји во регионот. За Србија нашите политичари велеа дека е изолирана земја, но види изненадување – таа има најмногу инвестиции во регионот.

Дали Македонија и откако станала земја-членка на НАТО се уште е несигурна земја за инвеститорите? Нема ли доволно стручен кадар, деловни погодности… пополнети ли се сите локации во слободни трговски зони во земјава…? Или е во прашање нешто друго? Да не е проблемот врзан со корупцијата и немањето стабилен правен систем?

-Странски инвестиции нема поради корупција. Слушнав за случај во кој странски инвестотор сакаше да отвори фабрика за конзервирани производи и да откупува производство во струмичко, од рана пролетна зелка до септемвриска „ајварка“. Но, за да може да почне да ја гради фабриката му биле побарани неколку милиони евра. И во ЕУ нема да бидеме примени поради корупцијата, ни вели  Милан Димов.

И во последниот извештај на американскиот Стејт департмент за 2021 – ва година беше наведено дека „граѓанските организации посочиле на доминантната улога на владата во економијата како создавање услов за корупција“. И во ваквиот извештајот од пред две години, пак, недвосмислено беше посочено дека во Македонија постои законска рамка, но проблем е корупцијата. Претходно, во 2020-та година Македонија беше рангирана на историски најниско 111-то место на индексот на корупцијата на Транспаренси Интеренешнл. За лани, рангирањето беше нешто подобро – на 87-мо место, но тоа не е доволно… Очигледно, не е се во најавите, во членството и во правењето на пописот на населението туку многу поважно е дали функционира правна држава и дали инвеститорите се чувствуваат сигурни. За инфраструктурата и енергетската стабилност који властите ги направија во Македонија – во некоја друга прилика.

Законите се менуваат како „на ластик да висат“

Проблем е и законската регулатива во земјава.

-Кој би инвестирал тука кога се знае дека администрацијата ќе го „ограби“ и ќе го малтретира за дозволи. Кај нас се менуваат законите како на ластик да висат. И тие што ги пишувале законите ми се сомнителни. Јас сум живеела во Канада и таму законот максимално се почитува. Мора да си ја платиш казната или да си ја одлежиш, вели граѓанката Јелица Стојановска – Накова.

Претходна вестНајкрупни грешки во Македонија се: приватизацијата, промената на името…
Следна вестЈП Комунална хигиена-Скопје спроведе активности за миење на поголемите православни верски храмови во главниот град