Дваесет и деветгодишен државјанин на Македонија е осуден на пет години затвор во Швајцарија, откако во текот на 2024 година извршил повеќе грабежи и други кривични дела во неколку градови.
Според судските документи, тој во април влегол во супермаркет „Волг“ во Волен вооружен со воздушен пиштол, ѝ се заканил на касиерката и избегал со околу 1.500 швајцарски франци. Неколку месеци подоцна ограбил златарница во Аарау, при што најпрво украл околу 500 франци од касата, а неколку дена подоцна со чекан скршил витрина и одзел накит вреден околу 21.000 франци.
Полицијата го уапсила по дојава, по претходна неуспешна потрага по осомничениот.
Случајот бил разгледан во забрзана постапка пред Окружниот суд во Бремгартен, каде обвинетиот признал и низа други кривични дела, меѓу кои кражби, оштетување имот, обиди за провали во продавници „Алди“, закани кон службени лица, како и возење велосипед под дејство на алкохол.
Објаснувајќи ги мотивите, тој изјавил дека во тој период бил зависен од алкохол и сакал да заврши во затвор за да се одвикне.
„Во тоа време бев алкохоличар и очајно сакав да одам во затвор за да се одвикнам“, изјавил обвинетиот пред судот, додавајќи дека свесно сакал да биде осуден.
За време на судењето не покажал каење, а на прашањето дали бил свесен за последиците врз жртвите одговорил дека не чувствувал дека некому навистина му се заканува.
Судот му изрече казна затвор од пет години, парични казни и обврска да надомести штета во износ од околу 79.000 швајцарски франци. Дополнително, му е изречена и забрана за влез во Швајцарија во траење од десет години по издржувањето на казната.
Претседавачкиот судија оцени дека станува збор за исклучително необичен случај, нагласувајќи дека обвинетиот делувал без чувство за последиците од своите постапки.


