Николоски од Стразбур: Бугарија не ги почитува јазичните и културните права на Македонците

Софија одбива да ги спроведе одлуките на Европскиот суд за човекови права и со тоа ги лишува основните човекови права на граѓаните на Бугарија кои се декларираат како Македонци, укажа потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во своето обраќање пред Советот на Европа во Стразбур. Во обраќањето тој побара да се најде ефикасен механизам за спроведувањето на одлуките на овој Суд.

-Мора да се создаде ефикасен механизам за спроведување на одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). Многу често се донесуваат пресуди- одлуки од страна на Европскиот суд за човекови права и земјите членки истите не ги спроведуваат. Можам да споделам еден пример поврзан со Македонците и македонското национално малцинство во Бугарија. Во овој момент има шеснаесет пресуди или одлуки на Европскиот суд за човекови права кои не се спроведуваат во Бугарија. Шеснаесет не се спроведуваат, не една, не две туку шеснаесет пресуди и одлуки на Европскиот суд за човекови права не се спроведуваат!, нагласи Николоски.

Тој потенцира дека се работи за пресуди поврзани со правото на самоидентификација, со правото на собирање и здружување, со правото на учество на избори, со правото на учење на мајчин јазик и со правото на заштита на националниот интерес во културата.

-Овие одлуки се носат овде во Стразбур, Софија одбива да ги спроведе и со тоа ги лишува основните човекови права на граѓаните на Бугарија кои се декларираат како Македонци. Ова е нешто што не треба да се толерира и нешто што е лош пример во 21 век. Тоа е лош пример и за Советот на Европа, бидејќи луѓето дојдоа овде, дојдоа во Стразбур, беа во Европскиот суд за човекови права, бараа правда, тие ја добија правдата, но таа не се спроведува во нивната држава, рече Николоски.

Николоски истакна дека ова прашање треба да се дискутира на претстојниот самит на Советот на Европа закажан за 16 и 17 мај во главниот град на Исланд, Рејкјавик.

Инаку, Комитетот на министри на Советот на Европа, кој од 6 до 8 декември, минатата година ги разгледуваше неспроведените одлуки на судот во Стразбур ги повика властите во Софија да ги почитуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) и да дозволат регистрација на здруженијата кои имаат за цел признавање на македонското малцинство во Бугарија. Меѓу неспроведените одлуки за кои се произнесе и донесен одлука Комитетот на министри на СЕ се и оние за македонските здруженија кои уште пред 16 години го добија првиот случај на ЕСЧП против Бугарија. Оттогаш во Стразбур има повеќе пресуди во корист на македонските здруженија во Бугарија.

 

Претходна вестУапсен крадец, украл пари од вработена во болница
Следна вестЧасовникот на апокалипсата сè поблиску до полноќ, а полноќ значи крај на светот