Оперативно техничката агенција ОТА негира дека било кога купила или користела шпионски софтвер „Предаток“ кој стана актуелен од вчера откако САД ја ставија на црна листа македонската компанија „Сајтрокс“.
-За жал, и покрај јавните објави и деманти од страна на ОТА, продолжува трендот на манипулирање на јавноста со свесно креирање и објавување на невистинити содржини од страна на политички центри на моќ и нивно пласирање во дел од медиумите. Во оваа прилика уште еднаш повторуваме и со сигурност уверуваме дека од страна на ОТА не е набавен, не се користел ниту се користи споменатиот софтвер „Предатор“ и малициозна е намерата да се направи било каква поврзаност на ОТА со настаните во Грција, а особено кога истото е веќе јавно демантирано, се наведува во соопштението.
Во него се додава дека по спроведувањето на реформите во делот на следењето на комуникациите и формирањето на ОТА како самостоен и независен државен орган, основна мисија и цел на ОТА е придонесување кон враќање на изгубената доверба на јавноста кон еден особено чувствителен институционален сегмент.
-Во таа насока ОТА посветено работи на воспоставување на законски, безбеден, ефикасен и контолабилен систем за следење на комуникациите. Со воспоставените механизми на заштита од страна на ОТА, следењето на комуникации без издадена судска наредба во Република Северна Македонија е минато и масовно следење не е и нема да биде возможно. Во насока на заштита на јавниот интерес, апелираме на одговорно постапување од страна на сите чинители, како и на промптно институционално постапување за што веќе е известено Јавното обвинителство, стои во реакцијата на ОТА по ваквите тврдења од ВМРО-ДПМНЕ.





