Темен режим Режим на светлина

Спојувањето на концесиите за Иловица не значи дозвола за експлоатација, тврди министерот Бектеши

Спојувањето на концесиите за рудникот Иловица – Штука беше неопходно но тоа не значи дозвола за експлоатација, објасни на денешниот брифинг министерот за економија Крешник Бектеши. Тој денеска се врати од САД и веднаш одржа средба со новинари иако беше најавено дека првин ќе реферира пред Владата.

-Со непочитување на законот и неспојување на концесиите, ние ризикуваме да се најдеме пред арбитражен суд. Според законот за минерални суровини, неопходно е да се почитува правото на концесионерот „Еуромакс“ за спојување на двете концесии за ископување бакар и злато во Босилово и во Ново Село, во рудникот Иловица-Штука, но тоа не значи автоматски издавање дозвола за експлоатација за која треба уште многу документи, рече Бектеши.

Тој тврди дека Министерството за економија само го почитувало законот и насоките дадени од Управниот суд.

-Уште сто пати да се повтори оваа ситуација, уште сто пати би одлучиле идентично. Сега, за споената концесија, треба да се достави обемна документација, истражувања и елаборати, во согласност со новите закони што во меѓувреме стапиле на сила. Рокот за нив е четири години. Доколку во тоа не се успее, или ако Министерството за животна средина не даде позитивно мислење за елаборатот што треба да се достави според новата регулатива, тогаш Министерството за економија нема право да даде дозвола за експлоатација, рече Бектеши.

Тој тврди дека министрите кои во изминативе денови изјавувале дека биле доведени „во заблуда“ имале време да ги прочитаат документите.

-Расправа имаше. Траеше околу дваесетина минути. Документациите, како што е процедурата беа закачени на време и секој може да ги прочита. Не знам што точно кажале министрите и не можам да коментирам, но постапките согласно законите и процедурите се направени, нагласи Бектеши.

Тој пред новинарите го презентираше целиот процес за добивање две концесии за Иловица. За првата постапката започнала во 2005 година а завршила со потпис на концесија од тогашниот министер Зоран Ставревски во 2012 година. Но, откако фирмата во 2016 год побарала дозвола за експлоатација што е финален чекор, министерството за економија во 2019 во време на Бектеши како министер, ја одбиле фирмата со образложение дека документацијата е некомплетна.

Иницијативата за втората концесија била отпочната во 2009 год, ги поминала исто така сите фази и позитивни мислења од Министерството за животна средина, за Транспорт и врски, Министерството за внатрешни работи, Министерството за култура, Министерството за земјоделство, Општините Босилево и Ново Село и одлуката за давање на концесија била потпишана од тогашниот премиер Никола Груевски во 2015 година. Кога повторно во Министерството за економија било побарана дозвола за експлоатација повторно во 2019 год било донесено решение дека документацијата е некомплетна. Во меѓувреме, во два наврати, фирмата побарала да се спојат двете концесии и тоа во 2018 и во 2019, но по предлогот за спојување немало одлуки. Токму тоа, вели Бектеши, е причина што сега во 2023 та Управниот суд донел одлука дека мора да се одлучува по барањето за спојување на двете концесии.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

ОТА: Не сме набавиле ниту користиме софтвер „Предатор“

Следна објава

Сообраќајка на патот Градско – Прилеп, сопатничката во болница, возачот со повреди