Советот на Општина Тетово вчера не расправаше за иницијативата на министерката за одбрана Славјанка Петровска за поставување спомен-обележје за припадниците на безбедносните сили кои ги изгубија животите во Вејце во 2001 година.
Советниците во Општина Тетово од СДСМ побараа оваа иницијатива на министерката Петровска да биде ставена на дневен ред на седница на Советот. Партиите на Албанците во Македонија кои имаат претставници во Советот, Беса, ДУИ, ДПА и Алтернатива беа воздржани за овој предлог. За иницијативата гласаа само двајцата советници на СДСМ и четворицата од ВМРО-ДПМНЕ. Предлогот за спомен-обележје на загинатите од Вејце не се стави на дневен ред.
-Заради оддавање почит кон загинатите припадници на безбедносните сили на Република Македонија кои своите животи ги загубија во масакрот кај Вејце, поднесувам иницијатива согласно член 18 од Законот за меморијалните споменици и спомен-обележјата Советот на Општина Тетово да донесе одлука за подигање на спомен-обележје, објави вчера министерката за одбрана Славјанка Петровска на нејзиниот фејсбук профил.
Вчера се навршија 22 години кога од заседа беа масакрирани четворица припадници на Армијата на Република Македонија и четворица припадници на посебните полициски сили кај тетовско село Вејце.





