Министрите за надворешни работи и за европските прашања треба да се преиспитаат и евентуално да поднесат оставка, побара денеска Павле Трајанов, лидер на Демократски сојуз. На прес-конференцијата Трајанов, чија партија е дел од владината коалиција, рече дека оставките се потребни бидјеќи тие преговарале околу францускиот предлог за решавање проблемот со бугарското вето.
-Овој дебакл којшто го доживеа Македонија е резултат на нивни преговори, на нивните групи со кои раководат. Тие преговараа и даваа согласност на францускиот предлог, за Преговарачката рамка и за Протоколот кој што е полош и од самата Преговарачка рамка бидејќи во него се вградени сите бугарски барања, нагласи Трајанов.
Трајанов ја повика Владата на Македонија да ја повлече согласноста за прифаќање на францускиот предлог којашто е извесно дадена. Тој ги повикува земјите членки на Европската унија, посебно Хрватска, Словенија, Австрија, Чешка и Словачка, да стават вето но ставање на дневен ред на Преговарачка рамка во која се вградуваат националистички барања на Бугарија сврзани со идентитет, јазикот, историски и образовни прашања.
– Демократскиот сојуз е против францускиот предлог и ги повикува граѓаните своите ставови да ги искажат преку социјалните мрежи или со мирни протести, за да види Европската Унија дека овде има силен граѓански -народен отпор против загрозување на македонскиот национален идентитет. Демократскиот сојуз ќе ја повлече поддршката на Владата доколку се согласи Преговарачката рамка да биде усвоена од Советот на Европската Унија, нагласи Трајанов.