По кратко боледување, денеска во Скопје почина Никола Глигоров, долгогодишен културен деец и поранешен директор на Дирекцијата за култура и уметност на Град Скопје. Веста беше објавена преку официјалната Фејсбук-страница на институцијата.
Глигоров со години беше дел од организацијата и координацијата на најзначајните културни настани во главниот град. Неговото име е поврзано со бројни фестивали и манифестации кои ја дефинираа културната сцена во Скопје, меѓу кои „Скопско лето“, „Музичка есен“, „Денови на европско Скопје“, „Матурска парада“, како и традиционалните новогодишни прослави на плоштадот „Македонија“.
Од Дирекцијата за култура и уметност истакнаа дека неговата професионалност, организациски капацитет и посветеност оставиле траен белег врз институцијата и врз културниот живот во градот.
„Со неговото заминување, Скопје губи човек кој несебично придонесуваше за развојот и унапредувањето на културната понуда“, се наведува во соопштението.
Никола Глигоров ќе остане запаметен како еден од клучните организатори зад сцената – човек кој со години работеше на создавање простор за уметност, музика и јавни културни собири во главниот град.






