Во Кинотеката на Македонија на 27 февруари со почеток во 19 часот ќе се одржи промоцијата на книгата „70 години македонски филмски плакат 1952–2022“, чиј автори се Владимир Величковски и Валентино Димитровски.
Станува збор за обемна монографија што опфаќа селекција од најзначајните и највпечатливи филмски плакати создадени во период од седум децении, претставувајќи ја визуелната еволуција на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.
Книгата ќе ја промовираат писателот Александар Прокопиев и уметникот Јане Алтипармаков. Во рамки на настанот ќе биде поставена и изложба на македонски филмски плакати, која ќе ѝ овозможи на публиката директно да ја доживее визуелната историја на домашната кинематографија.
Од Кинотеката истакнуваат дека настанот претставува значаен културен момент, со кој се одбележуваат 70 години од развојот на филмскиот плакат во Македонија.
„Публикацијата има за цел да ја документира и архивира визуелната историја на македонскиот филм преку плакатот како медиум на комуникација и уметнички израз“, информираат од институцијата.
Промоцијата е отворена за јавноста.






